Извештаи за реализирани акции

Миленков Камен 05.03.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД МИЛЕНКОВ КАМЕН  - 05.03.2016

Во саботата на 05.03.2016 год. ПСК Бистра – Скопје ја реализира планираната акција Патишка река – врв Миленков камен.

Стандардно собирање на учесниците во 06,00 часот пред Нова Македонија  и упатување за с.Патишка река. Патишка река не пречека во прекрасно издание: снежно бели гребени и сончево време. Едноставно збунувачки,  да посакаш да тргнеш во исто време кон сите правци. Сепак, по краткa припрема, во 07,30h се упативме по планираната рута. Тргнавме по патеката по која обично се движиме: искачување по десната патека од паркингот а враќање по патеката која сега е маркирана и  спушта на другиот крај на селото (кај мовчето). Патеката низ шумата ја искачивме за 1h i 30 мин. На платото над шумата (чешмата кај Јонузово бачило) направивме кратка пауза и полека се упативме кон врвот. Во ведро расположение како што беше и времето и прекрасната панорама околу нас во 12,00h бевме на врв. Бевме пречекани од стадо дивокози, на број околу 30. А околните масиви беа приказна за себе, од Љуботен до Стогово како на дланка, со контраст од бели планини и плаво небо. Се задржавме кратко време. Сликање и  ужување во пределите. По 15-тина мин. продолживме да се движиме по гребенот со крајна цел врв “Мирска вода”. Со тоа само си го продолживме задоволството од убавиот ден. Околу 13,30h бевме на врвот. Сретнавме стапалки од планинари кои до врвот и назад се движеле по маркираната патека. Уште една мала пауза за уживање, повторно дивокози, разгледување на околните планини  и дискусија каде и кога ќе одиме.

Но колку и да е убаво мора да се мисли за назад. Мирно и полека тргнавме надолу. Снегот ни помогна при спуштањето а го имаше до рамницата кај бачилата (месноста Радино бунарче). Во селото бевме нешто по 16h.

На крај да напоменам дека  акцијата  временски траеше нешто помалку од 9h со висинска разлика од околу 1,400 метри. Учествуваа 10 планинари и тоа: Влатко, Буран, Сара, Соња, Климе, Пепи, Лазо, Благоја, Гоце и Зоран.

Акцијата ја ценам за мошне успешна бидејќи ги имавме сите предуслови за тоа: добро време, одлични услови за планинарење и пред се група за почит.

Текст: Владимир Лазаров

Фотографии од акцијата може да погледнете тука.

 

 

 

 



Реализирани акции