Извештаи за реализирани акции

Килиманџаро 2016

ИЗВЕШТАЈ ОД КИЛИМАНЏАРО 2016

Македонска експедиција го искачи највисокиот врв на Африка, Ухуру на планината Килиманџаро, висок 5.895метри на 22 Јануари 2016 год. меѓу нив и двајца членови од ПСК „БИСТРА“. Искачувањето до врвот започна на 16 Јануари 2016 со летот од Софија до Доха-Катар потоа утрото на 17 од Катар до аеродромот Килиманџаро-Танзанија. Оваа експедиција броеше петмина членови од различни градови: Горан Срезовски и Димитар Поповски од ПСК „Бистра“ Скопје , Тодорче Ѓоргиев и Љупчо Ѓорѓиев членови на ПД „Чеплес“ и Наташа Бошковска од ПСК „Мурато“ Битола. Ова беше прва македонска експедиција која искачувањето го направи по Мачаме рутата по која досега никој од Македонија ја немаше испробано. Со самото патување во непознатото започна и авантурата која ни овозможи незаборавни моменти кои ќе се паметат до крајот на животот.

По пристигнување во Танзанија бевме уредно пречекани на аеродромот од агенцијата Танзанија Џој Турс и превезени до хотелот во Моши во кој бевме пријатно изненадени од услугата и сместувањето. По вечерната смотра на опремата од водичот која е најверојатно задолжителна пред тргнување го осетивме чувството на мекиот душек.

Следниот ден по доручекот не земаа од хотелот и тргнавме на пат кон истражување на планината. Припремата која се прави на почеток на искачувањето од која вадење дозвола и регистрација, мерење на тежина на опремата која треба да ја носат носачите и која не треба да е поголема од 15 кг се изврши на 1800м надморска висина на Мачаме Гејт. Верувајте местото беше преполно со планинари од целиот  свет . И така возбудени за почеток почна најнеомиленото време на еден планинар дождот кој не престана да не следи се до врвот. Првата етапа која моравме да ја минеме низ Африканската дождовна шума беше по исклучително силен дожд најверојатно и затоа ја именувале така . Овој предел повеќе наликуваше на џунгла него на шума. Минавме пат од 11 километри, која ја изодевме за 6 и пол часа. Ноќта ја минавме во шатори на височина од 3 илјади метри во Мачаме Камп.

Вториот ден имавме за пешачење од 800м н.в. до кампот Шира. Овој дел беше прилично стрмен и лизгав од дождот изобилуваше со карпи и ниско стеблеста шума. Ноќта исто ја минавме во шаторите кои за среќа навистина беа одлични и не пропуштија до крајот на турата.

Третиот ден беше многу важен за нас поради аклиматизацијата. На овој ден требаше да се искачиме од 3800 до 4.650 метри н.в. за потоа да се симнеме на 3.950 метри. Едно од најважните правила при искачувањето на врвовите е приспособување на организмот на новите животни услови, а тоа е качи се повисоко, спиј пониско. И овој ден имавме дожд  кој ни правеше друштво и ни го отежнуваше движењето. Како се искачувавме повисоко, така тој стануваше се посилен.  Стигнавме на котата 4.650 на Лава Тауер каде што врнеше силен дожд и веднаш назад кон базата на 3.950 метри поради тоа што бевме накиснати од врнежите. Искачувањето до Лава тауер и назад до кампот Баранко траеше 8 и пол часа.

Претпоследниот четврт ден од рутата кон врвот на планината Килиманџаро изгледаше како синусоида движењето е по угорнина, удолница, повторно угорнина, со високи амплитуди и висински разлики. Искачување до 4.250 метри, симнување на 3.650 метри, движење по навистина преубав предел прекриен со лава, од изумрениот вулкан. Среќна околност овој ден беше што времето почна да се смирува со само ситен дождец. Па затоа, како награда имавме одличен поглед кон долината Каранга и реката. Потоа искачувањето продолжи по исклучително тежок предел по карпи од  лава. По девет часа одење стигнавме на последниот камп Барафу, на 4.650 м. Имавме краток одмор и точно на полноќ тргнавме кон врвот Ухуру.

На врвот на Африка бевме во 6,30 часот наутро , заедно со изгрејсонцето. Имавме единствен, прекрасен поглед од кровот на Африка . Тоа беше награда за четиридневното накиснување од дождот кој ни беше верен и постојан придружник. Следеше развејување на македонското знаме на врвот и заедничко и засебно фотографирање и снимање. Се задржавме околу 30 мин и започнавме со симнување кон кампот Барафу на 4650м каде што се одморивме 1 саат и време за да ја спакуваме опремата. Од тука симнувањето го продолживме по друга патека Мвека рутата од причина што Мачаме рутата е само за качување. Околу 18:00 пристигнавме во Мвека кампот на 3000м каде вечеравме и се трупосавме во шаторите скапани од 18 часовно пешачење.

Последниот ден по традиција утрото бевме испратени со традиционалните песни од Килиманџаро и се упативме повторно низ дождовната шума кон Мвека Гејт на 1800м. За разлика од стартот на крајот уживавме во прекрасното сончево време и погледот кон планината.  Движејќи се само размислувавме на топлиот туш во хотелот освежување после 6 дневното незаборавно уживање на планината.

На крај како награда за успешното искачување си дозволивме уживање на дводневно сафари во националните паркови Тарангире и Нгоронго кратерот каде успеавме да ги видиме сите животни во нивно природно окружување.

Полни со импресии со истиот лет пристигнавме во Скопје на 28.01.2016. Патувањето траеше вкупно 12 дена.

 

Повеќе фотографии погледнете тука.


Реализирани акции