Извештаи за реализирани акции

Ќурков Дол 19.03.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ЌУРКОВ ДОЛ - 19.03.2016

Сабота, 19.03.2016 година, ПСК Бистра – Скопје ја реализира планираната акција на врвот  Ќурков дол (2.141 мнв) на планината Бистра.

Ден кој од раните утрински часови ветуваше убаво време и добра авантура. Поаѓање планирано за 06.00 часот, со учество на 11 планинари, како во Маврово би пристигнале пред 08.00 часот. Токму според планот во 08.00 часот од паркингот пред жичарницата се упативме кон нашата цел: Ќурков дол. Се движевме по маркираната патека која води кон месноста “Чавкарник”. Патеката навистина е преубава. Поради снегот и сонцето уште на почетокот бевме приморани да ставиме заштитна крема и очила за сонце. Иако на патеката имаше снег, се до ивица на излез од шумата немавме потешкотии со движењето. Но од таа точка  па нагоре снегот веќе стана проблем. Движењето го продолживме тимски, со постојано менување на првиот кој ја разгазуваше патеката. Првата етапа, до “Чавкарник” ја изодевме за 2 часа и 15 минути (обично ни требаат 1,5 часа). Наградата е голема: Кораб како на дланка со доминација на Мала корабска врата, Веливар, Крчин... Мал одмор и повторно во колона, дисциплинирано ја започнуваме втората етапа која не води до “Јадовска река”. Ова е рамен терен кој не е долг но снегот си го прави своето. За ова ни беше потребно околу 1 час. Од Јадовска река почнува третата етапа. Врвот е право нагоре со прилично јак и концентриран успон и висинска разлика од околу 550 метри. Мирно, без брзање, го започнавме искачувањето. Овде снегот беше потврд (не и смрзнат)  и ни помогна во искачувањето. Посебно доживување е излегувањето на гребенот пред врвот. Овде сликата околу нас е целосна. Глетка на цела Шара, Кораб, Дешат-Крчин, Стогово, Солунска а под нас Мавровско езеро. Во момент се заборава на заморот и се вадат фотоапаратите. Продолжуваме напред и за десетина минути, во 13.30 часот сме на врв. Од Ќурков дол покрај масивите има и убава глетка кон околните населени места. Лазарополе го гледаме облеано во сонце, малку подалеку преку него е Могорче а ние сме над Селце. Куќите од Галичник и Гари сепак се скриени. Иако беше планирано да продолжиме за Голем Брзовец (над Тресонче) поради снегот одлучивме  тоа да го одложиме за друг пат, па во 13.30 часот тргнавме назад. Спуштањето беше уживање. Сега снегот ни овозможи праволиниско и брзо симнување. На Јадовска река направивме поголем одмор. Од тука по патеката која утрото си ја направивме полека се упативме кон Маврово. И покрај заморот видно беше убавото расположение и задоволството кај секој поединец. Околу 17 часот заврши оваа прекрасна акција со желба да ја повториме по месец-месеципол кога ќе нема снег а ќе има многу зеленило и цвеќе.

На крај да напоменам дека  акцијата  временски траеше малку повеќе од 9 часа со висинска разлика од околу 1,000 метри. Учествуваа 11 планинари и тоа: Влатко, Климе, Стојан Меловски, Иле, Божо, Сара, Славко, Пепи, Лазо, Гоце и Љубе. Патувањето беше комбинирано, со клубското возило и со приватно возило.

Оценка за акцијата е дека е мошне успешна, со честитки до повозрасните Стојан и Љубе и посебно за единствената дама.

Текст: Владимир Лазаров

Фотографии: Климе Бабунски и Гоце Церски

*За повеќе фотографии притиснете тука



Реализирани акции