Извештаи за реализирани акции

Китка 17.04.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД КИТКА - 17.04.2016

И кога се договоривме со Мано, овој извештај да го напишам јас, морам да признам дека имав голема инспирација и покрај тоа што моето расположение тој ден (а и претходните), не беше  баш на некое завидно ниво. Текстот е пишуван во прво лице еднина, но секако Мано даде свој придонес со податоци и информации за кои јас не располагав.

На покана на ПСК Трансферзалец, осум членови на ПСК Бистра и плус двајца надворешни гости, на 17.04.2016 година реализиравме акција - искачување на Китка. Повод – традиционален марш кој се реализира секоја година овој период од  Количани –„Чичко Јосиф Илковски“.

Договорено беше групата да стартува од пред пошта, во 7:30 часот. Со минибусот на дрштвото тргнавме со мало задоцнување т.е. во 07.45. Ако по утрото денот се познава, тогаш утрината сите знаевме дека не очекува доста топол и сончев ден. Во 8:30 часот пристигнавме во c. Горно Количани, а веќе во 8:45 го започнавме нашето искачување. Сара, Анела, Коле, Мано, Розе, Зоран, Марјан , Маја, Пепи и јас бевме една навистика компактна и интересна група. На маршот се приклучија и Гоце со неговите пријатели, Славко кој водеше група колеги како и други членови на клубот кои се организираа во приватна режија.

Е сега малку за планината. Боите на пролетта веќе беа присутни во изобилие, заедно со остатоците суви лисја од есента и зимата. Расцутените дрва и пријатната миризба будеа расположение и оптимизам кај сите нас. А погледот кон околните планини и врвови на кои сеуште беа присутни остатоци од снегот, придонесуваа човек да се чуствува пријатно, релаксирачки. И покрај тоа што Китка изобилува со многу кал во овој период од годината, тоа не беше случај и овој пат. Попатно направивме три паузи и едно ненамерно скршнување од стандардната патека, но покрај планинарското искуство на нашите членови на клубот, знаевме и воопшто не се сомневавме дека стандардно/нестандардно секако ќе стигнеме до целта – хотелот изграден на местото на планинарскиот дом Китка на висина од 1200 м и неговиот врв 1520 м. После три и пол часа движење, за дел од групата целта беше постигната. За еден дел од групата (Анела, Маја, Мано, Марјан, Сара),  целта беше поголема – врвот на 1520  метри надморска висина. Останатите, си дозволивме подолг одмор на  полјаната, заедно со другите учесници на настанот. Откако групата се собра, во 15 часот го започнавме нашето враќање во реалноста. Акцијата траеше вкупно околу 8-9 часа и беше повеќе од успешна (се надевам за сите). Во с. Горно Количани се спуштивме некаде во 17:30, а во Скопје си поскавме довидување до следната акција некаде во 18:15 часот.

Најтемпераментни и најзборливи во групата беа Анела и Марјан, додека пак најмолчеливата секако бев јас, што поради големите температурни разлики кои и те како влијаат на мене, што поради уморот од работната недела. Но и покрај тоа, решив, моите зборови кои можеби недостасуваа на планината да ги ставам на хартија,  за да на овој начин ги проследам и ги направам достапни за читателот.

За повеќе фотографии погледнете тука

Текст: Соња Велјаноска

Фотографии: Мано



Реализирани акции