Извештаи за реализирани акции

Аџина Река 12.06.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД АЏИНА РЕКА - 12.06.2016

Прошетката за Аџина река беше планирана од страна на планинарскиот клуб Бистра од Гостивар, и ни беше најавена 3 недели претходно. Знаејќи низ каков предел ќе поминуваме, јасно беше дека тоа ќе биде тура за релаксација , уживање и планинарско дружење.

Почетокот на турата беше најавен за 8 часот, па така, 17 членови на нашиот клуб со изнајмено комбе, тргнавме во 5 часот изутрина. Со мало задоцнување и попатни кратки паузи на бензиска пумпа и Маврови Анови, пристигнавме на стартното место - Торбешки мост  со мало задоцнување од околу 30-тина минути. Таму не чекаше Благоја и уште еден член на ПСК Бистра Гостивар. И уште на почетокот, како и секој добар домаќин, Благоја ни даде некои историски информации за ова место, после што го започнавме нашето движење. Три дами од нашето дрштво се одлучија да направат пократка прошетка па со комбето се упатија кон Долно Јеловце каде беше договорен крајот на турата. Остатантите членови на нашата група започнаа со пешачењето. Првично се движевме по селски пат, низ шума од левата страна, а на десната страна се извиваа карпи чии што поглед на моменти делуваше како нестварно. Мислиш дека се наоѓаш во некоја бајка.  Чистиот воздух веднаш ги освежи нашите лица и ни даде сила да продолжиме понатаму, при тоа очекувајќи уште изненадувања на природата. Искрено, се трудев да не зборам со никого, затоа што жуборењето на секој поток кој го среќававме попатно создаваше мир во душата. И стигнавме до Аџина река. Водата чиста, ладна, брзаше кон својата цел. Ги наполнивме нашите шишиња и го продолживме нашето патешествие по козји патеки, на отворен простор, каде се гледаше само планината, небото и групата планинари (по слободна проценка околу 150 учесници). А планината беше приказна за себе. Целата прекриена со зелен тепих низ кој проткајуваа најразлични видови на цветови и растенија, што по боја што по мирис. Душата беше полна. Пешачењето беше долго, не многу напорно и со помали успони. После неколку краткотрајни паузи, ја реализиравме првата поголема пауза кај бачилото, каде што направивме групна фотографија од сите учесници. Отткако го достигнавме највисокиот максимум, започнавме полека да се спуштаме. Согласно планот на движење, требаше да го поминеме Горно Јеловце и по селски пат се упативме до Долно Јеловце каде организаторот предвиде ручек. Патот помеѓу овие две села беше долг, па така некои од планинарите кои почуствуваа напор, се транспортираа и со возила кои беа пресретнувани. Мене, Пепи и Коле не пресретна едно полициско комбе кое не спроведе на “информативен разговор” до крајот на турата – Долно Јеловце. А таму, полека пристигнуваа сите планинари. Насмевките на лицата не изостануваа. Во селската црква беше поделено гравче, со салата и пијалок, за чии вкус нема потреба да коментираме. Околу 6 часот, иако сите уморни, влеговме во комбето со песна. Во Скопје бевме во 8 часот, навечер.

Текст и фотографии: Соња Вељаноска и Гоце Церски

Повеќе фотографии можете да погледнете тука........


Реализирани акции