Извештаи за реализирани акции

Лешница 26.06.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ЛЕШНИЦА - 26.06.2016

 

Како и на претходните покани ПСК Бистра се огласи и на поканата за земање учество на планинарскиот марш "Лешница 2016" во организација на планинарското друштво Тетекс-Тетово. Според програмата маршот требаше да се одржи на 26.06.2016 со заедничко поаѓање во 08.30 ч. од кај планинарскиот дом "Смрека" на Попова Шапка. На ова акција учествуваа седум членови на нашиот клуб и тоа: Сара, Коле, Божо, Лазо, Славко, Пепи и Мано.

Според претходен договор клубското возило во 06.30 ч. не прифати кај главната пошта и ТЦ Мавровка, по што во 08.15 ч. пристигнавме на договореното место за поаѓање. По кратката средба на раководителите на присутните клубови и објаснувањето на текот на програмата, групата по моја слободан проценка помеѓу 60-70 планинари тргна во договореното време кон Лешничката клисура. Според планот требаше да се пешачи до првото бачило кое се наоѓаше десно под колскиот пат. По час и половина пешачење, кај лединката лево пред бачилото следеше првата пауза. Според договорот требаше да се искачиме до седлото под врвот Плат, па да се спуштиме кон водопадот на Лешничка река и да продолжиме кон долна Лешница. Враќањето беше планирано да уследи преку шумскиот/колски пат до стартната позиција, кој во поголемиот дел води околу планинскиот врв Плат. Планирано беше акцијата да заврши до 16.00 ч. Кај првото одморалиште на една мала група помлади планинари под водство на водичот Благоја од ПД Драчево и беше дозволено да се одвои од главната група, со намера да се искачи на Плат (2389м) и повторно да се спои со главната група кај Седлото под споменатиот врв. Со претходно јавување кај организаторот, на ова мала група се приклучи и Мано. Избраната патека по која се движеше групата кон Плат според поголемиот дел на учесниците не беше и пократката и полесната, бидејки се движевме директно прекулединките покриени со ниска смрека и боровинки, кои го отежнуваа движењето. По одредено време четири члена одлучивме да се вратиме во правец на вообичаената патека, која иако малку подолга, е многу полесна и побрза за движење. Во меѓувреме не стигна и претходницата од 7-8 планинари на големата група предводена од нашиот член Лазо, од кого бевме известени, дека поради променливото време било одлучено акцијата да се преиначи, т.е главна цел ќе бил врвот Плат. Заедно со Лазо следени од овие неколку планинари почнавме да се искачуваме кон врвот на Плат, имајќи ги пред нас на растојание од околу 100-150 м Благоја од Драчево и планинарот кој го следеше. По дваесеттина минути се искачивме на врвот и се сликавме. Во меѓувреме почнаа да пристигнуваат и неколку други планинари, по што на врвот стана тесно. Со Лазо тргнавме сами назад и по пат ги сретнавме останатите членови од нашиот клуб. На местото каде се споивме направивме неколку фотографии за спомен и одлчивме сите да го продолжиме патот нагоре кон врвот, за да и таму се сликаме со македонското и клубското знаме. Речено-сторено и така сите учесници-членови на нашиот ПСК Бистра ја исполнија поставената задача, која за некој од нив беше и вистински предизвик, бидејки за прв пат го искачиле овој убав планински врв кој овозможуваше фантастичен поглед врз неброени други високи врвови на Шарскиот масив. По заедничкото сликање по истата патека по која се искачивме почнавме со спуштањето. Во меѓувреме започна да паѓа и дожд, кој повремено зе намалуваше и повторно засилуваше. Облаците се погусти и погусти, а во подалечната околина почнаа да паѓаат ии првите громови. Со брз но поради влажната трева и камен внимателен чекор го спуштивме стрмниот дел на Плат кај седлото  се сретнавме со неколку други планинари, кои од разни правци се појавуваа и собираа тука. Следеше помалку досадниот долг пат до стартното место ПД Смрека, каде пристигнавме во 14.45 ч. Во домот следеше организиран ручек составен од зелка-салата, пире и плескавица, а за пијалок кисела вода и газирани сокови. Ручекот беше и прилика за средба и дружење со многу пријатели и стари познаници, одамна не видени. По ручекот и по понекоја чашка ракија од сопствени резерви сезаборави на уморот и панда и по некоја песна, при што предничеше нашиот Лазо.

Кон Скопје тргнавме околу 16/16.30 ч. Попатно по предлог на Лазо следеше посета на една слаткарница, каде ги обновивме потрошените резерви на шеќер во форма на Баклава, Кадаиф, Тулумба и Боза. При плаќање следеше пријатно изненадување, бидејки Лазо како домаќин од Тетово не дозволи самите да си платиме, туку не почести сите. Овој гест многу ни се допадна, па планираме што побргу да организираме следна акција повторно во близина на Тетово. Лазо сигурно има во неговиот роден град и други културно-историски слаткарници за покажување. Во добро расположение пристигнавме во Скопје околу 18.30 ч.

Текст и фотографии: Мано Ставрески

Повеќе фотографии можете да погледнете тука.........

 


Реализирани акции