Извештаи за реализирани акции

Галичник 17.07.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД МЕДЕНИЦА, ГАЛИЧНИК - 17.07.2016

Во Галичник, за кој писателот Радован Павловски ќе напише - Малуброен по наталитет, многуброен по дух и школувана интелигенција (позната туристичка атракција поради неговата автентична архитектура, богатото културно наследство, се наоѓа на надморска височина од 1270 до 1450 метри) сум била повеќе пати, но оваа тура претставуваше можност за мене да се искачам по прв пат на врвот Меденица (2160 метри). И покрај тоа што дел од планинарите веќе го имаа искачено овој врв и по неколку пати, убавините на оваа планина не ги поколеба да го направат тоа повторно.

Бевме сите точни на договореното време за тргнување (некои дури и поранија). Јас (Соња), Пепи, Мано, Раде, Лазе, Зоки, Славко и ќерката на Славко – Сања која по прв пат се приклучи на тура со клубот, го започнавме нашето патување. Времето беше пристојно за овој период од годината, дури може да се каже и доста свежо. А патувањето по македонските планини е приказна за себе која го одзема здивот. Секој пат кога го поминувам пределот од Маврово кон Галичник, во мене се будат чудни чуства, на нешто големо, возвишено, гордо, позитивно а сето тоа се должи на овој мијачки предел  и неговата убавина. Во 8 часот бевме во Галичник, а церемонијата за познатата Галичка Свадба веќе беше започната (традиционална и јавна летна свадба, што се одржува секоја година на селската слава - Петровден). Пред почетокот на искачувањето, се договоривме да поминеме во централниот дел од селото, кај црквата за да можеме барем на кратко да го доловиме она наше добро познато чуство за традиција, народни носии, стари галички песни излезени од грлото на Александар Сариевски. Чувства за едно минато време со тенденција да се одржи во живот токму преку опстојувањето на оваа традиција. Поминавме од кај Стојан и Рушка каде оставивме дел од нашата храна и околу 9 часот го започнавме нашето искачување. Раде уште на почетокот ни рече дека нема да не следи и дека ќе се искачи до таму до каде самиот ќе процени. Бевме доста компактна група во која постоеше расположение, позитивност и желба едноставно да се ужива во сето она што ни го нудеше денот. И покрај тоа што повторно немавме водач, членовите на групата добро се разбираа во изборот на патеката и темпото на движење. Попатно следеа информации од некои наши членови за тоа каде се врвовите Говедарник, Карбула, Меденица. Отткако ја искачивме првата височина, веќе имавме можност за прекрасни глетки. Од една страна мавровскиот предел, од друга страна Голем Крчин, Ростуше и од трета страна дебарското езеро и Скудриње. Движењето го продолживме по маркирана патека, опкружена со пасишта, живописна долина како јапонски параван која изобилуваше со многу цвеќиња, чаеви и други растенија. После два и пол часа релаксирано движење се искачивме на врвот Меденица. Мала пауза за освежување и нормално, неизбежното сликање. Од овој врв се поделивме на две групи. Лазе, Мано и Зоки се одлучија да се искачат и на врвот Кaрбула (2148 м), додека пак останатата четворка се одлучивме за релаксирано спуштање, уживање во природата, попатно собирање  на чај па и по некоја дремка на отворено. На враќање, да се договаравме па немаше да бидеме толку точни за да бидеме и двете групи заедно на стартното место. Околу 15:30 бевме повторно во куќата на Стојан, каде секогаш позитивната Рушка не пречека со проја, ракија, лубеница. Поседовме кратко, каснавме од храната што секој ја носеше и се упативме накај комбето кое го имавме паркирано кај игралиштето.

Со еден збор, прекрасна прошетка, одлично дружење, компактна група, денот помина без ниедна забелешка за се што се случуваше и низ што поминавме.  И, малку се зборовите за да се опише зошто е посебна оваа мијачка област. Тоа треба да се види, да се доживее, да се почувствува нејзината посебност. Тоа не се опишува со зборови. 

И за крај, она што ми недостасуваше, за тој ден навистина да биде комплетен е проследувањето на изведбата на „Тешкото“ оро кое е редовен дел од свадбарската агенда, а го симболизира надминувањето на тешкотиите во животот.

Овој запис ќе го завршам со цитат од нашиот познат писател и автор Петре М. Андреевски - “Ако Македонија е библиска земја, Галичник е нејзината последна реликвија“!

Повеќе фотографии можете да погледнете тука...........

Текст: Соња Вељаноска


Реализирани акции