Извештаи за реализирани акции

Маловиште 14.08.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД АКЦИЈАТА “БРАНИТЕЛИ“ 2016 - 14.08.2016

За 14.08.2016 година, нашиот клуб се одлучи да ја прифати поканата на Полицискиот спортски планинарски клуб „7-ми Мај„ од Битола, и да се приклучи на петтиот по ред  традиционален меморијален планинарски марш „БРАНИТЕЛИ 2016„.  Истиот се изведе во период од 06.оо до 16.30 часот на релација од Битола – превој Ѓавато (Дервен) – пл.врв Вртешка(ман.Св.Спас) – ман.Св.Ана, с.Маловиште – Битола.
Почетните активности за овој марш беа закажани за 06.00 часот, пред СВР Битола, поточно кај фонтаната, каде групата планинари од Битола положија цвеќе на споменикот на бранителите. Со клубското комбе тргнавме во 4 часот наутро (јас – Соња, Анела, Пепи, Коле, Лазе, Зоки, Мано, Славко и Гоце) и пред 7 часот веќе бевме на договореното место за старт - превој Ѓавато. На оваа тура ни се приклучи и нашиот член Веле кој дојде со сопстевн превоз. Отткако дојдоа и останатите учесници од Битола и Прилеп, водачот на маршот ја објасни турата и побара едно минутно молчење во чест на загинатите бранители, после што го започнавме нашето движење. Два часа беа сосема доволни со лесна прошетка низ богатата шума, по планинарска патека да се стигне до места каде што уживавме во поглед кон Преспанското Езеро, а кој неможе да се заборави до крајот на животот. Движејќи се низ шумата  имавме чуство дека сме едни од ретките кои уживаат во тие диви предели а тоа пак го зголеми нашето задоволство и импресии. Во текот на движењето природата несебично не нагости, понудувајќи ни  богати трпези со шумско овошје на кои често наидувавме, како малини и боровинки. На околу 2000 м н. в. дојдовме  на највисоко сместениот манастир во околината, „Св. Спас“, со камбанарија и со мал храм. Тоа е место на кое се задржавме подолго од планираното затоа што едноставно не можевме да се изнагледаме во божествените глетки кои ги нуди. На едната страна е Преспанското Езеро во недоглед, а отспротива плашејќи се да не остане засенет од темносината убавина арогантно ја истакнуваше својата небесна височина, третата по ред во нашата земја, Баба Планина и врвот Пелистер. На само стотина метри погоре се искачивме на највисокиот врв во околината, Вртешка, 2010 м н. в. Оттаму имавме долг список на места кои требаше да ги препознаеме како Ресен, акумулацијата „Стрежево“, Пелагонија, големиот број села, Преспанското езеро,  островот Голем Град во Македонија, островот Мал Град во Албанија и „Св. Ахил“ на територијата на Грција итн.
Враќањето беше планирано преку селото Маловиште каде беше организиран ручек (гравче) во  манастирот „Св. Ана“, кој се наоѓа на висина од 1400 м.н.в. - богата архитектонска и историска вредност, света, исцелителна вода и конаци во кои може и да се ноќева. Во 17 часот се упативме кон Скопје за околу 20 часот да се разделиме пред поштата со коментари дека оваа тура вреди да се повтори.

Текст: Коле Мајнов и Соња Вељаноска

 


Реализирани акции