Извештаи за реализирани акции

Убава 21.08.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД УБАВА - 21.08.2016

За овој викенд на клубскиот состанок беше договорена тура за Убава. Во неделата во 06:00 часот тргнавме со комбето од пред Пошта 2. Во 07:00 часот веќе бевме во Патишка Река на сретсело каде Гоце со приватно возило веќе пристигнал на лице место со уште еден колега од Државен завод за статистика - Кирил Ангелов. По кратка подготовка тргнавме нагоре со полн елан. Утрото навестуваше убав ден а температурите беа свежи во долината покрај реката. Камионскиот пат наместа беше оштетен така што селаните имаа донесено еден багер кој правел корекција на трасата. По класичната патека нагоре, со попатни паузи за берба на некоја капинка и малинка, стигнавме до бачилото каде што љубезно бевме пречекани од еден шарпланинец - чувар на бачилото кој не сакаше да јаде кроасани и суви смокви. Поради тоа што рано бевме тргнати за нагоре, паднаа совети да се оди за Караџица, но сепат преовлада здравиот разум бидејќи сепак по програма ова беше договорена акција за Убава, со можност за панорамски поглед накај салаковите езера. Се тргна со искачување на острите врвови нагоре и со попатни паузи се стигна на Остри врв па на Убава. Времето почна да се менува и да пристигнуваат темни облаци. Врвот Убава и делот накај езерата навлезе во магла и немаше некоја можност да се ужива нешто повеќе во убавините. Се спуштивме надолу према Пепелник, од таа страна од кај бачилата. Почна да врне ситен па силен дожд. Не накапа како мачиња. Ладно како во фрижидер додека Скопје се гуши во жештина со над 35 степени. Дождот ни беше дури и како инспирација па некои од членовите почнаа да собираат печурки бидејќи наместа ги имаше во изобилие. Очигледно ќе прават специјалитети од нив. Како времето си одминуваше така се симнувавме надолу према селото, но сега од другата страна на падината. Сите комплетни и со полни батерии се вративме дома.

Учесници на акцијата: Јане (одговорен на групата), Буба, братот на Буба Ацо, Пепи, Славчо, Лазе, Цене, Гоце, Мано, брат му на Цобе, Кирил од статистика

Текст и фотографии: Јане Мирчески

Повеќе фотографии може да погледнете тука...............


Реализирани акции