Извештаи за реализирани акции

Кораб 04.09.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД КОРАБ ТРАДИЦИОНАЛНО - 04.09.2016

По повод Денот на независноста на Република Македонија, 8-ми Септември, планинарскиот клуб „Кораб“ ја организира својата традиционална акција – искачување на највисокиот врв во Република Македонија „Голeм Кораб“ (2764 мнв), кој е во состав на националниот парк Маврово. Акцијата  се реализира на 4-ти септември, недела. Нашиот клуб Бистра одлучи да се приклучи на овој традиционален марш со учество на 27 планинари. Се организиравме со две превозни средства (клубското комбе и изнајмено комбе). Тргнувањето беше закажано за 5 часот наутро, пред пошта. Во 7:45 веќе бевме на стартното место (1280 метри надморска височина). И покрај тоа што официјално започнување на искачување на врвот беше во 9 часот од караулата Победа, дел од учесниците кои бевме со клубското комбе го започнавме нашето движење.
Патеката на искачувањето беше со должина 18.160 метри во двете насоки. Истата беше маркирана и обезбедувана од водачите на ЗПК Кораб. За околу 1 час движење стигнавме до Нистровото бачило. Потоа се оди по голема стрмнина прекриена со трева се додека не се стигне до гребенот од каде потоа следеше  искачувањето кон највисоката точка – Голем Кораб. Еден дел од гребенот може да биде лизгав, има доста мали каменчиња и треба максимална внимателност за да се мине безбедно. Потоа следува спуштање до седлото. Од тука може да се види врвот. По пат се поминува покрај доста стрмни гребени (од Албанска страна) чии што поглед воодушевува, а емоциите и страста за планината се на највисоко можно ниво. Потоа следува последното искачување на самиот врв Голем Кораб (2753 m) - највисок врв на планината Кораб, а воедно и највисок врв во Република Македонија. Врвот се наоѓа во северниот дел на планината, на границата со Република Албанија. Врвот е доста стрмен, особено кон албанската страна и изграден од тријаски варовници. Поради големата височина, во близина и во подножјето се јавуваат траги од циркови, валови, морени и др. На маршот учествуваа околу 200 планинари по слободна проценка. И покрај тоа што планинарите од нашиот клуб имаа различно темпо и патека на движење, во 17:00 часот сите бевме на стартната позиција. Четворица од нас се одлучија сепак да не се искачат до највисоката точка, меѓу кои бев и јас. Но затоа пак си дозволивме подолг престој и одмор на места каде погледите кон планината просто пленуваа а чуствата се незаборавни.
Текст: Соња Вељаноска

 


Реализирани акции