Извештаи за реализирани акции

Лутраки 09-11.09.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД КАЈМАКЧАЛАН И ЛУТРАКИ - 09-11.09.2016

За викендот 09.09.2016 – 11.09.2016 беше договорено да се реализира патување до Лутраки, Грција, каде што покрај искачувањето на Кајмакчалан од грчка страна, се планираше и посета и користење на термалните бањи. Групата броеше 24 учесници (членови на Бистра и надворешни членови).

Тргнувањето беше договорено за 16 часот, петок. Се упативме кон Меџитлија, Солун, Воден, Лутраки. Со задржување од околу час и половина на граница, патувањето во Грција го продолживме видно расположени и со песна. Околу 10 часот вечерта, пристигнавме во Лутраки и во хотелот на Ристо каде ни беше резервиран престојот.

Со околу 2.000 жители, ова живописно село со уникатна околина и со без број природни водопади е познато уште од времето на Александар Македонски. Овој бисер на природата  лоциран во подножјето на планински предели, изобилува со природни убавини и со бујна вегетација, опкружен е со голем број манастири, потоци и со многу места совршени за прошетка и за планинско пешачење. Течењето на топлите и на студените води заедно со богатството со флора му дава на овој регион уникатна убавина уште од далечната 1920 година, кога за првпат е прогласен за природна бања. Од 1992 година туризмот значително се развива, па денес, 20 години подоцна, Лутраки изобилува со голем број хотели и апартмани, кои само придонесуваат за целосно доживување и користење на ова несекојдневно рајско парче на земјата. За секој посетител постои можност за избор помеѓу минерална топла вода во базените или прошетка по живописното место.

За нас планинарите постоеше и уште една можност, која меѓу останатото и беше планирана – искачување на Кајмакчалан од грчка страна, кој со своите 2521 м.н.в. е трет врв по височина во Грција, а петти во Македонија. Ова искачување беше планирано за саботата претпладне. Останатите членови на групата кои не се приклучија на ова искачување, се упатија кон термалните бањи каде што впрочем и ни беше договорена заедничката средба после нашето враќање од планината.

За Кајмакчалан ќе биде напишано дека е спој на природната убавина и мрачното минато.

Ниџе и врвот Кајмакчалан не е само прекрасна планина, модерен ски центар, туку е место кое е длабоко врежано во историјата на многу балкански народи, чии борци за нечии идеали, територијални претензии и апетити, како дел од страшната трагедија на Првата Светска војна, се наоѓаат од другата страна на фронтот, на солунските гробишта, во масовната гробница на самиот врв, или на прилепските, битолските, на гробиштата во с. Зовиќ, с. Манастир итн. За да може вистински да се доживее убавината на планината, а и да се почувстува атмосферата која потсеќа на огромната трагедија на поранешното бојно поле, најдобро е планината да се посети во летниот период. Ова од причина што во зимскиот период кога целата планина е под дебела снежна покривка ски центарот наликува на секој модерен ски центар на Балканот, ништо не сведочи за тоа дека три години рововите на кои денес се поставени современите жичари биле единствениот дом на над еден милион и 200 илјади војници спротивставени на Македонскиот фронт кој се протегал од Дојран се до Преспа. Од едната страна – јужната се наоѓале војските на Велика Британија, Франција, Србија и Грција, а од другата – северната на Германија, Австро–Унгарија и Бугарија. И се разбира, во голем дел и Македонците кои братоубиствено се бореле од двете страни. Само во периодот од 12–30 септември 1916 година токму на врвот на Кајмакчалан во жестоките борби ќе загинат преку 4600 војници само од српската страна. Херојството и трагедијата на врвот е најдобро опишана од швајцарскиот форензичар, професор и публицист Арчибалд Рајс, чие срце до неодамна се наоѓало во денес празната урна во црквата на врвот. На врвот е и познатата камбана донирана од Михајло Пупин.

Отткако дојдовме со мини бусот до 2000 м, пред нас се распосла прекрасна глетка на едно широко, отворено, тревно пространство во кое сте само вие, планината и небото. Патеката на движење беше умерено стрмна и не многу долга, па така, беше потребно час и 15 минути за да стигнеме до самиот врв и покрај јакиот ветар кој ни беше постојан придружник.  А таму, не пречека божансвена глетка од која и здивот запира. Отткако кратко ја разгледавме црквата Св. Петар и спомен костурницата од Првата Светска војна, се фотографиравме. Јакиот ветар не дозволуваше подолго да се остане и да се ужива на самиот врв. Движењето до комбето траеше околу еден час со попатно собирање на печурки,  после што директно се упативме во термалните бањи каде што не чекаа останатите членови од групата.

Вечерта, организиравме заедничка вечера и седенка во хотелот на Ристо. Видно расположени од сето она што ни го овозможи денот, се опуштивме со по некоја чаша ракија и убава песна. Наредниот ден го започнавме со чорба од печурки подготвена од вештите раце на Мано. Од страна на Коле кој ни беше водач на ова наше патешествие, ни беше соопштен планот за неделата – претпладневна посета на термалните бањи со можност за нивно користење од стана на љубителите на бањањето и пладневна посета на Воден, неговите водопади и нормално, уживање во традиционалното грчко гиро. Во 16 часот беше договорено враќањето за Скопје, каде во 22 часот си посакавме добра ноќ и доскорошно видување.

За крај, би ги спомнала повозрасните планинари кои со својата харизма, расположение и песна допринесоа ова наше патување да го вброиме во едно од подобрите.

Текст: Соња Вељаноска

Фотографии: Гоце Церски и Вацек Апостолов

Повеќе фотографии можете да погледнете тука............
 


Реализирани акции