Извештаи за реализирани акции

25-ти Есенски маратон 2016

ИЗВЕШТАЈ ОД 25-ти ПЛАНИНАРСКИ ЕСЕНСКИ МАРАТОН ЧЕПЛЕС - ВОДНО, ОДРЖАН НА 17-18.09.2016 г.

Постојат места каде човекот ја челичи својата волја и карактер, места каде човекот се среќава самиот со себе, и се открива себе си... Места каде се чувствува возвишено, но го осознава и значењето на зборовите истрајност, одлучност, упорност, дисциплина, другарство, победа... За планинарите тоа место е Нејзиното Височество - Планината. A чиниш, еден добар катализатор за осознавање на сите овие нешта е учеството на овој маратон. Ние, учесниците на есенскиот маратон, имавме чест во своите прегратки да не примат Јакупица, Караџица, Водно...

Вообичаено за маратонот , базата од каде започнува нашиот јуриш во освојувањето на тие пространи, обично питоми, но понекогаш и непредвидливи планински пространства, е планинарскиот дом Чеплес. Во петокот вечерта, на 16.09.2016 г., таму се собра одбор дружина, учесници на маратонот : Искра Лазарова, Гоце Церски, Лазо Стефановски ( водич на групата ), Зоки Најдовски, и Гоце Мишевски. Тие вечерта стасаа со комбе до планинарскиот дом Чеплес. Некаде на полноќ во домот пешки стаса и 6 - иот учесник Новко Ѓорѓиевски. Тој, поради сплет на разни околности опишани во претходната репортажа, дента пред стартот на маратонот веќе натепа 7, 5 часа пешачење. Кога ќе се додаде и тоа дека по завршувањето на маратонот, единствено тој пешки се спушти од врвот на Водно до жел. станица во Скопје, испаѓа дека Новко изоди еден ипол маратон...

Домар на Чеплес, и тоа одличен, беше Буран, член на ПСК “ Бистра “.
На Чеплес беа и Пепи Димитровски, и новинарот Лаки Димитриевски, кои заедно со маратонците се искачија на Солунска глава, но потоа поради нивни обврски се вратија назад на Чеплес.

Стартот на маратонот беше во саботата, 17. 09. 2 016 г., околу 5. 30. Одејќи кон Долна бабина дупка, сонцето не поздрави со своите први утрински зраци, и ги погали нашите веќе заруменети обравчиња од првите напори, а Јакупица блесна со сета своја убавина... Првата кратка пауза беше на Долна бабина дупка, каде земавме здив, ги подобновивме батериите, удривме еден “ групњак “ ( групна фотка ), и му ја спраштивме кон Солунска глава. Последните 30 - ина минути пред качувањетo на Солунска глава, ќе не однесеше јак ветар, чиниш треба камења да ставаме во ранците да не не дувне ветерот. За среќа, камења на тој потег има колку сакаш...

Околу 10.00 стасавме на Солунска глава, се “ огребавме “ чај од војската, и по кратко задржување на врвот се спуштивме по стрмната маркирана патека на Бегово поле. Кај пл. дом “ Исак Русо “ стасавме нешто по 12.00. Тука имаше получасовна пауза за ручек. Од водичот беше кажано од чешмата во близина да не се пие вода, поради бачилото над чешмата. Еден планинар коментира, баш добро, јас ќе пијам, може само да ме протера, и така имам запек... Кога го спомнав водичот, некои забележаа дека понекогаш неговите наредби по малку наликуваат на војнички команди. А некои од дома избегале на маршот, баш за да не слушаат дома такви команди...

По паузата, на крајот на Бегово поле ја совладуваме последната угорнина, и од таму веќе е полесно, лакше се дише, како да сме зеле Бронхи : до Караџица е само спуштање, или рамно... Околу 14.30 стасавме кај споменикот на членовите на руската посада на товарниот авион, кој се урна во овој атар летото 1992 г. Жална глетка, споменикот е доста оштетен...
Нешто после 16.00 стасавме во пл. дом Караџица. Вечерта имаше дружење, се викна некоја песна, се испи некоја чашка ракија.

Утредента, во неделата, околу 5.30 тргнавме од пл. дом Караџица, и преку Алдинци, и дрвениот импровизиран мост на Кадина се упативме кон Празниторба. На Празниторба традиционално правиме фотка, а по 10 - ина минути од кај чешмата наравивме получасовна пауза за појадок. Потоа минавме покрај Цветово, и во 12. 00 се спуштивме во Маркова Сушица. Таму не пречекаа претседателот на ПСК “ Бистра “ Коле Мајнов, и Пепи Димитровски. Како добри домаќини, тие не почестија со вода и локум, разно овошје, и со многу вкусен чај. Чајот, што да ви причам, со сласт да пиеш до помочување...Коле и Пепи ни понудија ранците да ги земат со комбето и ги однесат на целта, на врвот на Водно. Ама ние глава даваме, ранците не ги даваме. Ако ги дадеме ранците, впечатокот нема да ни биде потполн, дека целиот маратон сме го поминале со полна ратна спрема.

По получасовна пауза во Маркова Сушица, тргнавме кон Соње. Минувајќи покрај една викенд куќа, Зоки му вели на еден домаќин : Аирлија работа. Домаќинот одговара, аирлија работа и за вас, ама како што гледам вие не работите, туку само шетате. А Зоки возвраќа, е ние мораме уште пред маршот сите работи да си ги сработиме , едино така не пуштаат од дома на маршот. Не детализираше, дали мисли и на оние работи. А подобро и тие работи на време да се сработат, да не мора да се користи опцијата “ Повикај пријател “...

Преку лозјата и Долно Соње се упативме кон Водно, и во 17.00 стасавме на врвот. Не пречекаа членови на ПСК “ Бистра “, вклучени во организацијата на пречекот и подготовката на ручекот : претседателот Коле Мајнов, Пепи Димитровски, Бубе Диневска, и Ружица Меловска . Со свое присуство на пречекот не удостои и планинарот Живко Сиљаноски, член на ПД “ Картуш “ од Прилепа града.
За успешно завршениот маратон следува препознатливото “ да пукне “, а од јаки гушкања пуцкетаат ребра... Секретарката Анела Кочовска не послужува со локум и вода. А Новко се чалами, демек, да не помислат луѓето дека маратонците се измориле, во брз трк од кај жичарата протрча до салата на домот. Анела му вели, имаш уште едно локумче ако пак го претрчаш истиот потег. Новко уште еднаш го истрчува истиот потег, и на шега и вели на Анела, ти немаш толку локумчиња, колку што пати можам да ја истрчам оваа дистанца...

Јонче Христовски во една песна пее дека Коце не јаде грав со пастрма. Е па грав со пастрма не јаде Коце, ама и нашиот Гоце. Затоа главниот готвач Цобе Најдовски, со асистенција на Александар НајдЕвски, зготви одлично гравче, ама не со пастрма, туку “ са ребарца сува “ . Се подразбира, имаше и обилна и вкусна салата. Имаше и ракија, пиво, вино, па луѓето малку се опуштија. И заслужија. Некои подзапиени, не знаеш дали од алкохолот, или од љубов...( Имаше и женски пијалоци, т. е. сокови, не знам дали треба воопшто да се спомнат ).
После ручекот почна мала веселба, претседателот Коле Мајнов како најхрабар го скрши мразот, со Бубе одиграа еден валцер. Што јес, јес, не беше лепенка, ама поубаво е да беше лепенка...Потоа имаше и песни, и ора, а ако Скопјани сетиле мал потрес во тоа време, нека знаат дека тоа е само од играњето во домот на Водно.

Веќе се стемнува, од врвот го гледаме Скопје како на дланка, како се капе во светлина, глетка за илјадници долари. Во 19.00 , со гушкање и малку лигавење, се разделуваме, со желба пак да се дружиме. Сите останати отидоа со комбето или со друг превоз до Скопје, но јас реков, ако сум ги зајал, ќе ги јадам до крај. Па од врвот на Водно, до железничката станица во Скопје, и тоа го изодив пешки.

Голема благодарност до организаторот, за успешната организација на маратонот. Тоа што на овој маратон имаше само 6 учесници, е сплет од некои непредвидливи и специфични околности. Освен тоа, есенскиот маратон е од интерен карактер. А ПСК “ Бистра “ била, е , и ќе биде пример за добро и успешно организирање на планинарски акции.

Довидување, до пролетниот маратон, кој иако е потежок, сигурно ќе биде помасовен, бидејќи за тој маратон се покануваат и многу други пл. клубови.

Од еден обичен планинар Новко од Велес

Повеќе фотографии може да погледнете тука...................


Реализирани акции