Извештаи за реализирани акции

Мусала 01-02.10.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД МУСАЛА - РИЛА - 01-02.10.2016

За овој викенд беше планирана клубска акција за Мусала поради појавениот интерес од членовите за најубавиот период во септември и октомври да се патува за Бугарија при убаво време. Саботата рано наутро тргнавме за Боровец каде го паркиравме комбето. Преку Царска Бистрица и скијачката патеката нагоре се упативме за хижа Мусала. Се движевме низ прекрасната борова шума. Преку Маркуџик скилифтовите за некои 4-5 часа стигнавме до домот каде утврдивме дека нема место. Всушност ние ги контактиравме Бугарите но немавме повратен одговор за слободно место. Како и да е, не сместија во анексот на стариот дел во соба со 15 лица. Вечерта се дружевме и забавувавме во домот. Во неделата рано наутро се спакувавме и тргнавме во освојување на врв Мусала, највисокиот на Балканот. Времето чисто, утрото ладно со најава за прекрасен видик од горе. Снег многу малку во остатоци во осојничавите места колку за лек ако му треба на некој. Патеката стандардна, покрај мусаленските езера, наместа камен до камен, со голема внимателност од несакани повреди. Кај заслонот Ледено Езеро направивме мала пауза да ги закрепнеме силите пред завршниот успон по сајлите нагоре. Кроце покроце се искачивме на врвот каде бевме почестени со прекрасен поглед, онаков каков што секој планинар посакува да доживее на Мусала. Се фотографиравме со Македонското знаме и одморивме. Да напоменеме дека оваа група е највозрасната група (по вкупен број на години) од нашиот клуб кој што досега историски се има искачено на Рила. По истата патека се вративме назад, со попатни паузи. Во Скопје бевме во вечерните часови. Ни остануваат добрите спомени и подготовки за следните 2 акции кои Бистра ги организира за Бугарија, а во случајов вклучувајќи ја и оваа се 4 акции во низа на Бугарските планини. Нека биде така и догодина, со цел искачување и на најмладата група на Рила, па зошто не и на Пирин.

Текст и фотографии: Гоце Церски

Повеќе фотографии може да погледнете тука.........


Реализирани акции