Извештаи за реализирани акции

Пирин 22-24.10.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ПИРИН - 22-24.10.2016

Овој запис ќе го започнам со информацијата од Меѓународната издавачка компанија Conde Nast, која во 2015 година го стави националниот Парк Пиринна 4-тото место во рангирањето во мај за најубавите природни паркови во светот кои човек треба да ги види пред да умре” .

Есента е најубавото годишно време за прошетки во природа и за прошетки на чист воздух, па така, падна одлука, продолжениот викенд 22-24.10.2016 година да се оди на Пирин планина и да се реализираат две прошетки – искачување на Безбог,  Полежан и Вихрен.

Нашето патување го започнавме саботата, во 6 часот наутро. Видно расположени за сето она што не очекуваше, не дозволивме да не демотивира тричасовното чекање на граничниот премин. Согласно предложената агенда на Буран, истиот ден пристигнавме во Банско, Добриниште, па оттаму (некои со жичара некои пешки), пристигнавме во хижата Безбог (околу 2200 мм). Удобно се сместивме, бидејќи тоа го нудеше и самата хижа – затоплени простории, топла вода во секое време, можност за туширање. Но, првиот шок доаѓа кога за 180 степени ќе го свртите  вашиот поглед од предната страна на овој објект - се отвара прекрасна глетка кон планината и езерото. Е тука, животот добива друга димензија. Маѓепсана од убавината пред мене, во истиот момент се заборава на сите секојдневни грижи, проблеми, обврски. И тогаш надвладува  мирот кој како пајажина се има распространето низ цела Пирин планина. Во тоа и навистина се уверивме во текот на нашиот тридневен престој. А времето, никогаш нема да биде доволно за да се доживеат сите планински содржини. Овој уникатен планински масив изобилува со над 70-те глацијални езера кои претставуваат негово вистинско богатство, но исто така изобилува и со голема разновидност на диви животни.

Вечерта се дружевме и се договоривме, наредниот ден нашето искачување да го започенемe во 7 часот. Планот беше да се искачат двата врва Безбог (2645) и  Полежан (2851). Компактна група, одличен водач и добро расположение е се што ни беше потребно, а го имавме за да ја реализираме оваа тура на најдобар можен начин. Иако истата временски не траеше долго, си дозволувавме попатни подолги пауза за да можеме да уживаме во убавините кои ни ги нудеше нејзиното величество - планината. Околу 13 часот веќе бевме во хижата, ручавме, после што околу 14 часот истата ја напуштивме и се упативме кон нашето комбе (кој пешки кој со жичара). Следеше вториот дел од нашата агенда. Пристигнување во хижата Вихрен (1900 мм), каде што пречекот и не беше така топол од страна на нашиот домаќин. Иако просторот во кој бевме сместени беше затоплен, останатите услуги не беа на завидно ниво – недоволно чаршави, користење на тоалет кој беше надвор од објектот итн. Но, прифативме и дека не може да биде  се така розево. Напротив, нашата позитивна енергија ја насочивме кон турата за Вихрен (2914) - највисок врв на Пирин планина, втор по висина во Бугарија (после Мусала на Рила), следниот ден. Искачувањето го започнавме во 6:30 часот, по камена патека која лично за мене, искрено и ми го отежнуваше движењето (посебно на спуштање). За околу 3:20 минути веќе бевме на врвот. А таму, и покрај ветерот и пониската температура кои не дозволуваа да се остане подолго, адреналинот го достигна својот максимум. Несекојдневно уживање во прекрасната природа, мир и тишина во комбинација со неверојатни глетки кои се откриваа пред нас.

Околу 13 часот веќе бевме повторно во хижата Вихрен каде останавме уште кратко време уживајки во нашата храна и убавото и топло време кое беше наш верен придружник во текот на сите три дена. Откако ги ставивме нашите ранци во комбето, се упативме кон граничниот премин. И, повторно три часа чекање за кое што и имавме доста трпение после сето она што го доживеавме....

Текст: Соња Велјановска

Фотографии: Буран Сали

Повеќе фото можете да погледнете тука..................


Реализирани акции