Извештаи за реализирани акции

Љуботен 13.11.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ЉУБОТЕН - 13.11.2016

По повод ослободување на Скопје, 13.11.1944 година, како и секоја година ПСД Макпетрол од Скопје организира планинарски настан за искачување на врв Љуботен, под покровителство на Град Скопје. Голем број на учесници поради најавите за стабилно време се упатија накај Старо село. Некаде по слободна проценка околу 350-400 учесници,можеби најмасовно досега откако се организира овој настан. По патот нагоре над селото беше врвулица од луѓе. Калливо за почеток, убав ден што ветуваше многу, а нагоре бела белина од новиот снег - прв за оваа есенска сезона, прва радост замногумина. Бидејќи планинарскиот дом на Љуботен е во фаза на реновирање, гостите беа преупатени во вила Љуботен каде силите ги закрепнаа со планинарско чајче организирано од организаторот.  Локалот преполн седнати гости кои бараа спас покрај топлиот камин. Групите се прегрупираа и поради лошото време нагоре дел останаа покрај вилата а поупорните продолжија нагоре да се пробиваат низ снегот и луто да се борат со силниот ветар. Видливоста беше скоро минимална, ладен воздух, снекче што мршори и постојан студен ветар кој одвреме навреме мислиш ќе те струполи на земја. Од нашата група само 4 планинари се искачи на врвот и истите ни прераскажаа дека временските прилики до врвот биле хималајски. Останатите се вративме од почетокот на гребенот. Во вилата Љуботен се вративме и се споивме со останатите. Потоа сите заедно се спуштивме до Старо Село од каде со минибусот се вративме во Скопје.

Текст и фотографии: Јане Мирчески

Повеќе фотографии може да погледнете тука..............


Реализирани акции