Извештаи за реализирани акции

Ќурков Дол 20.11.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ЌУРКОВ ДОЛ - 20.11.2016

Бистра е планина во централниот дел од Западна Македонија и е надалеку позната по своите пасишта, богатиот растителен и животински свет како и пријатната и лековита планинска клима. Бистра планина претставува голем зарамнет масив, опкружен со бројни планински врвови, меѓу кои голем број се повисоки од 2000 метри. Меѓу нив секако е Ќурков Дол (2141 м) која беше наша цел за неделата, 20.11.2016.

Тргнавме во 6 часот наутро, јас (Соња), Пепи, Мано, Славко, Гоце, Искра, Лазе, Киро и Цене. Пред 8 часот веќе бевме на паркингот пред жичарата каде започнавме да се подготвуваме за нашата прошетка. Времето преубаво, сончево кое само требаше да биде искористено на најдобар можен начин. А групата компактна, сите вљубеници во природата и планината. Движењето го започнавме  после 15-20 минути од нашето доаѓање, по маркирана патека, низ шумата за да после 2h30 минути излеземе на рамна површна од каде што се отвори прекрасна глетка – мелем за душата, која може само да те  релаксира и ослободи од стресното секојдневие. Ова се причините и зошто меѓудругото го сакам планинарењето - го зајакнува организамот и телото, делува позитивно на емоциите, ја подигнува самодовербата, делува на социјалната сфера на животот,овозможува нови познанства и искуства.  Движејќи се, чуствуваш како настанува некоја магија, некоја нестварност, некој спој во случајов меѓу планината, небото, синилото, околината, пространството, погледот, височината и човекот кој е далеку од  секојдневието, а чувството е како да си во друг свет. А тој спој се случи на оваа наша несекојдневна прошетка. Но, и ова беше повеќе од доволно за  да се почуствува и согледа на своја кожа колку на секого од нас му треба ваква магија, како вид храна, затоа што онаму каде живееме вакво нешто не постои. Нашето движење го продолживме со мали попатни паузи при тоа имајќи ја во предвид должината на патеката која требаше да ја изодиме од една страна и намалената должина на денот од друга страна. По нешто помалку од 5 часа пристигнавме пред последниот успон кој требаше да се совлада до врвот. Тука, јас, Пепи и Славко се одлучивме поинаку да го искористиме времето и наместо да ја совладуваме последната препрека, да ужуваме во природата, сонцето и сите убавини кои ни ги нудеше планината. Имавме огромна среќа да Бистра ни се предаде во целост,  ни се отвори и ни покажа навистина се што нуди и има, беше буквално бистра, чиста, јасна и сјајна. На останатите им беа потребни уште 30-40 минути за стигнување до целта – Ќурков Дол. Максимално релаксирани и опиени од чистиот воздух, враќањето до Маврови Анови не го ни сетивме, посебно што се договоривме да пуштиме појак чекор за да не го дочекаме стемнувањето. Во 16:30 бевме кај комбето, а во 19 часот во Скопје.

Пристигнувајќи дома, не можеш а да не ја искометираш маглата и нечистиот воздух кои за жал беа присутни последните денови во нашиот главен град. Но, затоа пак тука се нашите планини, постои нашето бегство во нив, постојат вакви едно дневни планинарски акции со кои се храниме, а потоа полесно  опстојуваме во урбаните  средини. Се надевам дека таа насобрана планинска храна ќе не држи до наредниот викенд, а потоа гладни ќе итаме кон некој друг врв, некоја друга планина...

Текст: Соња Велјаноска

Фотографии: Мано Ставрески

Повеќе фотографии можете да погледнете тука..................


Реализирани акции