Извештаи за реализирани акции

Солунска Глава 27.11.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД СОЛУНСКА ГЛАВА - 27.11.2016

ПОСВЕТЕНО НА ПЛАНИНАРОТ БУРАН, ТАА ЖИВА ПЛАНИНАРСКА ЛЕГЕНДА И ПОЧЕСЕН КРАЛ НА СОЛУНСКА ГЛАВА, КОЈ 900 (И СО БУКВИ : ДЕВЕТСТОТИНИ ) ПАТИ СЕ ИМА ИСКАЧЕНО НА СОЛУНСКА ГЛАВА.

10.10.1976 год... Овој ден означува почеток на едно нераскинливо другарување на еден Човек со Солунска Глава. Другарување кое опстојува рамно 4 децении, опстојува и после мноштво силни ветрови, виулици, дождови, магли на Солунска Глава. И ќе трае, и трае...
На тој датум Буран, тој почесен Крал на Солунска Глава, за првпат се искачи на овој врв. Датумот заслужено ќе влезе во аналите на македонското планинарство, и пошироко, како почеток на испишување на нови златни страници во историјата на планинарството. Самиот Буран може да раскажува и раскажува како Солунска го освоила со нејзината питомост, кроткост, величественост, грандиозност, таинственост, но и со нејзината непредвидливост. Тие приказни на Буран се полни со убавина, но и со вдахновение, возбуда, драматика, напнатост...
Но и Солунска Глава, а чиниш и секое камче на патеките до Солунска, и секое гранче крај патеките, можат да си раскажуваат свои приказни за Буран, за неговата истрајност и упорност, и како нестрпливо го очекувале секое негово доаѓање. И секоја приказна е камче во величествениот мозаик од постигнувањата на Буран.
На Солунска Глава Буран се има искачувано по разни патеки: од Патишка Река преку Убава, Од Горна Белица ( кај Македонски Брод ) преку Даутица, од Караџица преку Бегово Поле, од Чеплес преку Горна Бабина , од Горно Јаболчиште преку Бегово Поле, од Јаболце ( кај Нова Брезница ) преку Сува Планина и Караџица... Последниве 15 год. претежно се искачува по патеката Чеплес - Солунска Глава.
Со текот на годините, бројот на искачувањата на Солунска варираше, од разноразни причини. Рекордот е 68 искачувања во 2012 г. Во 1996 г. Буран по цела должина ја мина државната граница на Македонија, и тогаш се искачи на мноштво планини и врвови ! После тој подвиг малку подзабави со Солунска, па таа година имаше 4 искачувања. Исто така, по 500 - ото искачување во 2005 г., реши малку да направи пауза со Солунска. Предизвик му беа и другите планини, па затоа наредната 2006 г., на Солунска Глава оствари само 4 искачувања..
Своевремено, потврдено од мноштво сведоци кои го прателе Буран до Солунска Глава, некогаш знаел за 24 часа 3 пати да се искачи на Солунска. А едно искачување од Чеплес до Солунска Глава, и враќање назад до Чеплес, со просечен брз од, е околу 6 часа, без правење поголеми паузи.
После 40 години од првото искачување на Солунска, Буран стаса до 900 - ото искачување. Тоа требаше да биде точно на празникот 11- ти Октомври годинава, но од ептен оправдани причини се одложи. Успех, достоен за секоја почит, со кој го досегна ѕвезденото планинарско небо, стана жива планинарска легенда, едно од најскапоцените дијамантски камчиња во македонската планинарска круна. Успех, кој ќе биде предизвик, поттик, инспирација и вдахновение за генерации планинари, да го надминат овој подвиг! Но Буран летвичката ја подигна многу високо, така да во догледна иднина ова ќе биде неотсонуван сон за многу планинари. Ако им е некоја утеха, барем соништата се бесплатни...
Почитуван Буран, честитки за големиот успех ! Нека нашите убави мисли, и нашата верба во Тебе, ти бидат подстрек за што побрзо остварување на 1000 - ото искачување на Солунска Глава! Веруваме дека Ти тоа го можеш, посакуваш , и заслужуваш ! Планинарите заслужено ти доделуваат титула Почесен Крал на Солунска Глава, и оваа титула носи ја со гордост !
И ПСК “ Бистра “ од Скопје, чиј член е Буран, се вклучи во одбележувањето и спозорирањето на овој јубилеј. Буран е многу скромен, не сакаше да се дава голема помпа на овој настан, и затоа имаше релативно малку планинари за вака голем настан. Во одбележувањето на јубилејот учествуваа Искра Лазарова, Сара Сарева, Божо Стојановиќ, Стојан Меловски, Раде Димовиќ, Пепи Димитриевски, Мано Ставревски, Зоки Најдовски, Божо Ристовси, и Новко Ѓорѓиевски. Ни беше беше чест и задоволство што бевме дел од јубилејното, 900 - ото искачување на Буран на Солунска Глава, и учествувавме во прославата по повод овој голем јубилеј !
Буран рече дека 1000 - ото искачување ќе го одбележи “ појако “, со поголема прослава. Внимавај Буран, ќе памтиме што рече, сакаме за тој настан Солунска Глава да се тресе од топотот на врвулици планинари !
Некои планинари уште во петокот, на 25.11., отидоа на Чеплес. Во саботата на 26.11., во 6.00 наутро, друга група планинари На ПСК “ Бистра “ треба со комбе да тргнат од Скопје, околу 10.00 да стасат до Чеплес, а потоа веднаш да почне искачувањето на Солунска глава.
А јас претходниот ден, во петокот, бев во околината на Стровија, каде трасираме нова патека. Во саботата наутро од Стровија пеш отидов до Гостиражни, а од таму со воз се упатив кон Богомила, каде стасав во 6.40. Во Богомила треба да го пречекам комбето со планинарите на “ Бистра “, и да продолжам со нив кон Чеплес. Се влечкам по патот од железничката станица кон дуќанчињата на сред село. Доаѓам до нив, ама уште не отвориле. Доста е ладно, извесно време ѕенѕам пред “ Дани “, и конечно дуќанчето г Скопјео отворија. Кога, се јавува возачот Пепи, и кажува дека поради проблеми со комбето, од ќе тргнат дури околу 9.00 ! Седам, чекам, времето не мине, планинар сам да седи во место се чувствува како врзано куче, и тоа на краток синџир. Околу 8.40 се јавувам на Пепи, од дуќанчето да го земат мојот ранец, а јас тргнувам пеш од Богомила преку Нежилово за Чеплес, па кај ќе ме стасаат, стасаат.
Земам со мене само секирче, за одбрана од дивеч, и 0,5 литри вода. Водата ми е потребна и за подмитување на некој животинче ако ме сретне, а го мрзело да се симне до Бабуна да се напие вода. Интересно ќе беше ако со секирчето ме видеше шумска полиција, бадијала кој знае до каде ќе ме пратеа...
Наметнав брзо темпо, а времето почна да отоплува, и како одам по патот почнав едно по едно да соблекувам. Го минам Нежилово, а околу 12.00, после изминати 17 км. пеш, точно каде што од широкиот макадамски пат се дели козјата патека за изворите на Бабуна, ме стасува комбето. Јас само на поткошула и панталони, им велам на планинарите ако малку подоцна ме стасавте, ќе ме видевте и по гаќи.
Околу 12.40 стасуваме на Чеплес. Нема време за искачување на Солунска Глава, па попладнето и вечерта помина во дружење, мезење, јадење, пиење, пеење. Повеќето од дружината се со пожолтени крштеници ( изводи ), ама за на маса и те како ги бива ! Зоки дојде до генијално откритие: ни водата не оди без ракија ! Песната “ Река гази малој моме, боси му се нози “ за овие два дена се испеа неколку пати, на толку газења на ова ладно момето може да настине. Се знае, главни за оваа песна се Столе и Зоки. А за пеењето, некои се таленти и пеат ко славеи, некои типични антиталенти и пеат ко страчки...
За гравчето и салатите главна беше Сара, штом многумина побараа репете значи дека е одличен готвач. Мано како мајстор, а Искра како асистентка, направија чорба од печурки. Изнаставаа се и сешто, јас помислив дека ќе биде некој бучкуриш, а испадна најубава чорба што сум јадел последниве месеци ! Ама од пусти срамови, не побарав репете.
Пред вечерата, на Буран сите му честитавме за големиот подвиг, му изрецитиравме една песна, кажавме убави зборови за неговиот подвиг. Буран со одбрани зборови се заблагодари за честитките, и ни приреди пријатно изненадување: на сите учесници на маршот ни “ исплел “ по еден заштитник за уши, и ни ги подари ! Ти благодариме, Буран !
Вечерта врне ли врне, не знаеме што среќа со времето ќе имаме за маршот. Но кога станавме утрината, небото послано со ѕвезди ! Супер ! На прашањето како спиењето, Зоки коментира, добро е, никој не рчеше. А Искра : кај ќе спиеш, при оркестар од бичкаџии. Заклучок, можно е Зоки претходната вечер да испил малку повеќе “ анестетик “, затоа ништо не сетил...
Во неделата, на 27.11.2016 г., околу 6.00 тргнуваме од Чеплес за Солунска глава. Над Долна бабина дупка ја гледаме Солунска глава, таа заспана убавица. Ама уште не сака да ја открие сета нејзина убавина, покриена е со дебел јорган од магла, убавината веројатно ја чува за Буран и неговата дружина, кога ќе ги прими во нејзините прегратки.
На потегот каде завршуваат борчињата под Долна Бабина, еден планинар кажува дека, као, ќе се пресоблекува. Ама потоа време помина додека ја стаса колоната. Дофрла, што другари сте, ел да помислите на мене, да викнете, гледате ме нема. Мано вели, не е точно, баш помисливме на тебе, дека имаш запек, штом толку долго се задржа!
Околу 8.30 бевме на превојот над Горна Бабина Дупка. Продолжуваме, а на половина час пред врвот ветерот фијука ли фијука, многу ладно, добиваме бричење на суво. Ако е некоја утеха, бричењето беше бесплатно. Маглата се раскрена, а Солунска Глава како да знаеше дека доаѓа нејзиниот најдобар другар Буран со дружината, и почна да ја покажува нејзината раскошна убавина. Во 10.00 се искачуваме на Солунска Глава. За Буран ова е 900 - ото искачување! Му честитаме на Буран, следи взаемно колективно : Да пукне ! А во душите ни се јавува прекрасно чувство, кај Буран за јубилејот, кај другите што се дел од овој убав настан. Настанот го овековечивме со повеќе фотки
Околу 10.20 тргнуваме од врвот кон Чеплес. Попатно некаде правиме мини паузи, и околу 13.30 се вративме во домот, на Чеплес. Повторно мезење, пиење, за ручек многу вкусно гравче. После ручекот викнавме и некоја песна. Околу 16.00 се прогласи фајронт.
Јас се јавувам на Бошко Талески, претседател на ЖПК “ Китка “, кој е веќе во Стровија, дали да се вратам пак во Стровија, за да утредента во понеделникот со него ги завршиме работите со трасирањето на патеката. Поради многу лошата метеопрогноза, тој рече да не одам за Стровија, туку за Велес. А јас испаднат сум од дома уште од четвртокот вечерта, ако пак отидев во Стровија, ќе заборавев кај ми е куќата ( т.е. станот )...
Околу 16.30 тргаме од Чеплес за Скопје, односно Велес. Јас со возот во 20.10 тргам од Богомила за Велес. И кога сите се прибравме дома, гледаме имало некоја кампања за избори. А во планината појма си немавме што се случува во “ цивилизацијата “, поради импресиите што бевме дел од така важен планинарски настан.

 

Песна посветена за Буран:


Чујте и почујте планинари,
од Скопје дур до Пешта,
планинарот Буран,
на Чеплес прави фешта.


А има убав повод,
што ваква фешта прави,
900-тини искачувања,
на Солунска Глава слави !


Таа заспана убавица,
што под облаци гнездо свила,
на Буран секогаш му вдахнува,
инспирација и сила.


Овој подвиг за планинарите,
ќе биде цел и мета,
дур некој да го достигне,
ќе минат многу, многу лета !


Буран освојува врвови,
на сите четири страни,
а и како водич и другар,
Буран нема маани.


Блазе си на таа мајка,
што ваков планинар роди,
Буран уште долго, долго,
по планините ќе “ броди “.


Наша желба е секогаш,
да биде здрав ко дрен,
а “ Бистра “ да е горда,
што е нејзин член.


Илјада искачувања на Солунска,
на Буран е следна цел,
во блиска иднина и тоа,
од историјата ќе биде дел !


Толку многу искачувања,
ќе го овенчаат со слава,
и со почесна титула :
Крал на Солунска Глава !


Почитуван Буран, честитки за големиот успех ! Нека нашите убави мисли, и нашата верба во Тебе, ти бидат подстрек за што побрзо остварување на 1000 - ото искачување на Солунска Глава! Овој Твој подвиг е за секоја почит, и ќе биде поттик и инспирација за генерациите планинари што надоаѓаат.
Ми беше чест и задоволство што бев дел од од групата планинари што учествуваа на Твоето 900 - ото искачување на Солунска Глава, на 27.11.2016 г., и учествував во прославата по повод овој голем јубилеј !

Од еден обичен планинар - НОВКО

Фотографии: Мано Ставревски

Повеќе фотографии можете да погледнете тука.................


Реализирани акции