Извештаи за реализирани акции

Калин Камен 18.12.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД КАЛИН КАМЕН - 18.12.2016

Царев врв е секогаш голем предизвик за планинарите.  Ова е посебно затоа што на последниот клубски состанок се одлучи, во овие зимски и снежни услови да се движиме по осговските планини. Иако утрото беше ладно, со минусна температура, тоа не не поколеба да ја откажеме оваа тура.

Тргнавме рано во 6 часот, со намера да се искачиме до ловечката куќа, а потоа и на Царев Врв доколку дозволи времето како и временските услови кои не беа баш најдобри, доста снежно а кај манастирот Св. Јоаким Осговски и подмрзнато. На турата учествуваа 17 силно мотивирани планинари. По пристигнувањето кај манастирот, констатиравме дека мини автобусот не е во состојба да не донесе нешто погоре поради лизгавиот терен, па затоа веднаш констатиравме дека поради краткиот ден нема да можеме да дојдеме до Царев Врв. Но оптимизмот не не напушти, уште повеќе што времето се отвори и се појави сонце, па решивме да го искористиме ова сончево време и да се искачиме до таму до каде ни дозволуваше денот. Се поделивме во две гупи. Едната група се искачи до ловечката куќа а втората група до  Калин камен.

Искачувањето на втората група во која бев и јас се одвиваше по маркирана шумска патека, за да после 2 часа излеземе на рамна повшина, силно осветлена од сонцето. Тука веќе започна правото уживање. Колку и да постојат извештаи, фотографии и искуства од некои што претходно биле во  вакви предели, не може ни одблизу да се долови сликата се додека човек сам не се соочи со оваа убавина која те тера да ја почитуваш и да и се восхитуваш. Сето тоа беше неверојатно за доживување, посебно што поради своја, но и за безбедност на целата екипа, сетилата беа наостерни, концентарцијата максимална, а адреналинот на задоволително ниво. Секој за себе си одлучуваше до каде ќе се искачи, после што требаше да се тргне надолу по истата патека по која дојдовме. Тоа, за волја на вистината, за мене претставуваше подеднакво важна и опасна работа како и при качувањето. Сепак излезе дека доколку внимателно се измери секој чекор, концентрирано се следи теренот и инструкциите од водичите, спуштањето може да биде дури и поедноставно од качувањето. Така и беше. Задоволството од совладувањето на предизвикот Калин Камен беше доволно за да може со насмевка да се тргне надолу по стандардната патека, средувајќи ги сликите од оваа прекрасна осоговска авантура.

Околу 14 часот бевме сите собрани кај манастирот. Се договоривме, да тргнеме за Скопје, но попатно да застанеме на чорба во ресторан по избор на Коле Мајнов. Ресторанот беше добар избор, но иако немаше чорба, се релаксиравме, подруживме. Во Скопје бевме околу 17 часот.

Како заклучок: турата беше средна релаксирачка, планот можеби не го остваривме до крај заради временските прилики, врвовите Калин Камен и Царев Врв се навистина голем предизвик заради убавата природа. Битно е што времето таму горе се стабилизира и ни овозможи феноменални глетки и прекрасни фотки.

Текст: Соња Вељаноска

Фото: Марјан

Повеќе фотографии можете да погледнете тука............

 


Реализирани акции