Извештаи за реализирани акции

Витоша 24-25.12.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ВИТОША - 24-25.12.2016

После долгите подготовки на клубските состаноци, конечно дојде и викендот да појдеме за Витоша, традиционална акција која нашиот клуб ја организира години години наназад. Со двокатен автобус и клубско комбе, вкупно 76 планинари, членови на клубот и останати пријатели, во саботата наутро во 06:00 часот тргнавме за Бугарија. Според програмата во саботата имавме предвидено и 3 часа шопинг во Икеа и Декатлон, можност за набавка на нова планинарска опрема. Во попладневните часови се упативме во хижа Алеко каде што имавме резервирано сместување со ноќевање. Попатно, над елитната населба Драгалевци наидовме на превртен камионет и застој на патот. Без многу двоумење излеговме да помогнеме и на раце да го отстраниме превртеното возило од патот. Имавме и среќа што автобусот се искачи до домот имајќи ги во предвид временските прилики, лизгавата и подмрзната коцка по патот, неисчистените делници од снег на патот и сл. Се сместивме во домот според утврдениот распоред на собите. Како и секоја година, просторот во долната сала го окупираме за предновогодишна забава, па така и сега со помош на тарабука и громогласно планинарско пеење си прославивме на високо ниво. Единствено морам да напоменам дека ни фалеше Валентино со некоја од неговите песни да ја појача забавата. Да ги споменеме и готвените јадења од кујната на Алеко, а посебно ја издвојуваме “шкембе чорбата“. Забавата заврши доцна во ноќта, а во неделата наутро во 08:30 по локално време сите во група се упативме према Црн Врв 2290 мнв. Утрото ветуваше убав ден, мирно, спокојно и без ветер. Како накачувавме нагоре видикот стануваше се поголем и поголем, но почнаа да не надвиснуваат и темни облаци. Кога излеговме кај месноста резерват “Торфено браниште“ почна да дува силен ветер кој во текот на денот постојано се зголемуваше и го отежнуваше нашето движење. Снег имаше прилично малку, наместа и по 20-30 сантиметри. За неполн час и половина веќе бевме во заслонот на Црн Врв, а внатре топла атмосфера, гужва колку ти сака душа, над 70 планинари натрупани во една соба. Сретнавме и 5-6 бугарски млади планинари со кои разменивме мислења за планинарењето и суровите планински услови во зима. Еден час пауза во заслонот, но ветерот надвор сеуште беснееше, така да одлучивме да се симнуваме надолу и дружбата да ја продолжиме повторно во Алеко. Иако ветерот сега ни дуваше во лице, за еден час веќе бевме слезени долу. Бидејќи беше католички Божиќ (Коледа), скоро и да немаше бугарски посетители на планината. После ручекот полека полека се натоваривме во двоспратниот автобус и според сатницата на програмата се упативме од Витоша директно за Скопје. Сите среќни и задоволни се вративме во Македонија, со констатација дека ова беше најмасовна посета на ПСК Бистра на Витоша во историјата на постоење на нашиот клуб.

Да се надеваме дека догодина ќе бидеме уште побројни.

Статија од дневен весник ВЕСТ можете да погледнете тука.............

Текст и фотографии: Јане Мирчески

Повеќе фотографии можете да погледнете тука............



Реализирани акции