Извештаи за реализирани акции

Руен 25.02.2017

ИЗВЕШТАЈ ОД РУЕН - 25.02.2016

Недела, рано наутро 6:00 ч., по договор екипата на ПСК “Бистра” се среќава на вообичаеното зборно место на паркингот кај Поштата на железничката станица. Излез од скопското загадено секојдневие што не затекна тоа утро, ни е планината. Го освојуваме врвот Руен на Осоговските планини. Тргнуваме со две возила, клубското комбе и една лека кола. Стартувамe околу шест часот наутро, а не чека пат од околу час и половина. Најпрво се упативме до граничниот премин “Деве Баир” каде оставаме лични податоци за евиденција и се пријавуваме дека тргнуваме кон врвот Руен, кој се наоѓа на самата граница кон соседна Р. Бугарија и е највисок врв наОсоговските Планини со висина од 2.252 метри. Врвот се наоѓа на самата граница меѓу Република Македонија и Бугарија, и е дел од 100-те национални туристички објекти на Бугарија.
Пред да се стигне до границата свртивме десно и се упативме кон рудникот „Тораница“, оддалечен вкупно 18 км од Крива Паланка. Од рудникот може да се искачува директно на врвот Руен иако нема маркација. Се одлучивме да одиме  по земјената патека. Пред рудникот свртивме лево и го продолживме искачувањето во јаки снежни услови, кои наместа  достигнуваа снег и повеќе од еден метар. За жал, бегајќи од загадувањето во Скопје, налетавме на густа магла која ни го отежнуваше не само искачувањето но и правецот на движење. Во вакви услови, навистина беше голема среќа за нас што успеавме да стигнеме до старата караула. И покрај големата желба и ентузијазам што владееше кај учесниците на оваа тура, секое продолжување до самиот врв претставуваше голем ризик и можност за губење на правец. Маглата беше премногу густа, едвај 4-5 метри видливост пред нас. Од овие причини, донесовме одлука да не продолжиме, и полека да се спуштаме накај возилата. И покрај тоа што турата моравме да ја скратиме, сметам дека одлуката беше правилно донесена.
 
Ни остана уште половина час спуштање до возилата паркирани пред влезот на рудникот. Таму направивме една кафе пауза, после што се упативме накај Скопје. Полека ја оставаме планината зад нас, до некое наредно искачување и можност за повеќе уживање во неа. Се одјавуваме од „Деве Баир“ и на патот накај дома скршнавме кон попатен ресторан на краток заслужен одмор. Само пофални зборови за целата екипа.
 
Во Скопје пристигнавме околу 20:30 ч. Едно патување, едно доживување.
текст Соња Велјановска.
слика Марјан Савевски
 
 
 
 

 

Реализирани акции