Извештаи за реализирани акции

Мусала 18-19.03.2017

Мусала, Рила – 18-19.03.2017
          Викендот 18-19.03.2017 година беше резервиран за Боровец и искачување на врвот Мусала.                
 
Мусала е највисокиот врв во Бугарија и на Балканскиот Полуостров – 2925 мнв, за 8 метри е повисок од Митикас, Грција а за 11 од Вихрен, Бугарија и се наоѓа на средишниот дел од Рила планина, недалеку од Боровец. Рила е планински венец во Бугарија со проценета старост од 250.000.000 години. На Рила има преку 150 леднички езера. Од падините на Рила извираат реките Марица, Искар, Струма, Места и Рилска река. Има богат шумски покров кој се протега до 2100мнв и е дом на бројни диви животни. Долините се плодни и обработени со земјоделски посеви.
    Тоа утро, стартот го започнавме во 6 часот. Сите 22 планинари, ентузијасти се упативме кон Боровец, Бугарија. Со мали попатни паузи, во Боровец бевме нешто после 11 часот, додека пак искачувањето кон хижата Мусала го започнавме во 12 часот. Времето сончево, преубаво, да не речам идеално за вакво искачување. Групата компактна, сите ведри и насмеани навистина уживавме во оваа планинска убавина. После 4 часа искачување, пристигнавме во хижата Мусала каде не дочека едно непријатно изненадување. И покрај нашите резервации, место за нас во хижата за преноќување немаше. Нашите резервации беа дадени на група планинари од Варна кои утрото беа дојдени. За нас, ова беше навистина ново и непријатно доживување, но, не дозволивме расположението да ни се намали, напротив баравме решенија во рамките на можностите кои ги нудеше домот и покрај тоа што истите беа на најниско можно ниво. Па така, ноќта ја поминавме кој во ладни, никакви соби, кои на под, столица, секој се снаоѓаше кој како умее. Уште попладнето и вечерта почна да дува силен ветер, се спушти и магла така да видното поле беше само2-3 метри. Но, и покрај тоа, после бурната ноќ, 20 планинари сепак се одлучија да го искачат врвот Мусла. Во многу тешки услови, овие планинари успеаја во својата намера. Врвот беше освоен, а на задоволството му немаше крај. После паузата за ручек, нашето патешествие го продолживме, назад кон Боровец каде не чекаше комбето. Се договоривме овој мал успех да го прославиме во кафеана во Самоков. Околу 20 часот веќе бевме на граничниот премин, а во 22:30 пристигнавме во Скопје.
    Колку и некои работи во делот на органицазија понекогаш промакнуваат и не се реализираат согласно нашите планови, сепак планинскиот воздух како и успехот кој го постигнавме беа заслужни за насмевките на лицата, расположението на душата. Максимално релаксирани, духовно и енергетски обогатени посакавме оваа тура да ја повториме во летниот период за да можеме да доловиме поинаква глетка на Рила планина.
 
текст Соња Велјановска
 
 
 
 
 

 

Реализирани акции