Извештаи за реализирани акции

Дешат-Веливар 06.05.2017

 ДЕШАТ ВЕЛИВАР, 06.05.2017

Во саботата на 06.05.2017 год. ПСК Бистра-Скопје ја реализираше планираната акција Дешат со врвот Веливар 2373 м.н.в..

Стандардно собирање на учесниците во 6,00 часот и упатување за с.Битуше. Пределот над Битуше, Крчин и Веливар, не пречека во прекрасно издание прошарани гребени со снег и сончево време. Збунувачки, да посакаш да тргнеш во исто време кон сите правци. Сепак, по кратка припрема, во 08,30 часот се упативме по планираната рута. Тргнавме во правец по кој обично се движиме, искачување по десната патека од игралиштето пред поранешната караула која е на околу 1070 м.н.в.. По патеката низ шумата за 1ч. и 30 мин. пристигнавме кај чешмата пред езерото Локув. по кратка пауза продолживме и за 30-тина мин. излеговме од шумата. од овде пределот сосема се измени. Езерца, безброј поточиња и гребенот кој не очекуваше. Во ведро расположение како што беше и времето и прекрасната панорама околу 12,30 ч. пристигнавме на врвот Веливар со своите 2373 м.н.в.. Околните масиви беа приказна за себе, од Шара во далечина, Бистра, Стогово како на дланка, со контраст од бели планини и сино небо. Само Кораб ни беше скриен во магла. Се задржавме кратко време бидејќи на врвот имаше непријатен ладен ветер. Сликање и уживање во пределите. Но колку и да е убаво мора да се мисли за назад. Мирно и полека тргнавме надолу. Како се приближувавме кон с.Битуше наидувавме на групи излетници, распалени скари, разиграни деца и многу весели лица, се во чест на празникот Ѓурѓовден. Како што поминувавме им го честитавме празникот и им посакавме пријатни празнични моменти. Акцијата ја завршивме во 17,00 часот, а во Скопје бевме во 19,30 часот.

На крај да напоменам дека акцијата временски траеше нешто помалку од 9 часа со висинска разлика од околу 1300 м.. Учество земаа 9 планинари.

Акцијата ја ценам за мошне успешна, бидејќи ги имавме сите предуслови за тоа добро време и одлични услови за планинарење.

Текст, Владимир Лазаров

Фотографии, Валентин и Гоце М.

 

повеќе фотографии погледнете тука


Реализирани акции