Извештаи за реализирани акции

ЕСЕНСКИ ПОХОД 22.09.2017

Планинарски есенски поход 22-23-24.09.2017 год.

ПЛАНИНАРСКИ ЕСЕНСКИ МАРАТОН ЧЕПЛЕС - СОЛУНСКА ГЛАВА - БЕГОВО ПОЛЕ - КАРАЏИЦА - МАРКОВА СУШИЦА - ВОДНО, ОДРЖАН НА 23, 24. 09. 2 017 г., ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПСК „ БИСТРА “ ОД СКОПЈЕ 

Маратон... Било да се работи за планинарски, пливачки, атлетски или велосипедски маратон, овој збор е синоноим за сила, волја, одлучност, упорност, возбуда, вдахновение. На маратоните, учесниците со големи напори ги помераат и физичките, и менталните граници на човечките можности, на човечката издржливост. Вообичаено, маратоните не’ потсетуваат на атинскиот воин и гласник Филипидес, на истрчаните, во еден здив, исто како што тоа го прават и модерните атлетски гладијатори, 42 км. од Маратонско поле до Атина, за да им ја соопшти радосната вест на Атинјаните: Победивме, радувајте се...

Планинарскиот маратон Чеплес - Водно по тежина е далеку од нпр. атлетскиот маратон. Но и тој е сепак доволно тежок, за да биде предизвик за планинарите, посебно повозрасните, и ги исправи пред дилемата: дали можат да одговорат на предизвикот. Маратонот помага планинарите да ги проверат нивните можности, да ја челичат својата јака волја, сигурност, упорност, другарство, верба во себе. И кога на маратонот никој не верува во тебе, а и ти почнуваш да се сомневаш во себеси, планината е таа која те инспирира, ти вдахнува елан да ги исцедиш последните атоми сила. А од длабочината на твојата душа, како да почнуваш да слушаш некој внатрешен глас кој ти вели: Издржи, не се откажувај, ти тоа го посакуваш, но и можеш и заслужуваш...

На маратонот планинарите се дружат меѓу себе, а и со планините, место каде се сонува, инспирира, вдахновува... И се исполнуваат со чувства, сеќавања и убавини, што го надминуваат просторот и времето. Во планините, поради импресиите од восприемените убавини, често ти паѓа на ум песната од Владо Јаневски : Со поглед ќе ти раскажам, дека без тебе не можам, има нешто посилно од се’... Е тоа нешто посилно од се’, за планинарите е токму планината. А учесниците на маратонот беа почестени што планините Јакупица, Караџица, Водно, ги примија во своите широки, но нежни прегратки.

На овој маратон имаше 11 учесници. Водич, т.е. Главен Велештрумф на маршот е Зоки Најдовски од Скопје, кој како водич ти влева сила, доверба, сигурност. Останатите учесници се: Александра Митревска од Битола, потоа Даниел Десковски, Перо Атанасов, новинарот Лаки Димитриевски, Цобе Најдовски, Гоце Церски, Петар Сибиновски, Никола Јовановски , всички од Скопје, Трпко Николовски од Тетово, кој има 72 год., и е највозрасен учесник на маратонот ( а штом е Трпко, или Трпе, по дифолт очекувај дека е од Тетово ), и Новко Ѓорѓиевски од Велес. Цело време на маратонот верно не’ пратеше Нежилка, тоа мало, но мило, слатко, кротко и љубопитно кученце. 
Денови уште пред маратонот, маратонците веќе беа отпатувале и одлутале со мислите во планината, а дома функционираа само по некои инстиктивни рефлекси и инерција.

Зборно место на маратонците е петок вечерта, на 22. 09. 2 017 г., во планинарскиот дом Чеплес. Ама некои со време си ја фатија работата. Искра Лазарова, Зоки, Цобе, Гоце и Новко, уште во петокот утрината, со првиот воз што од Скопје за Битола трга во 6. 42, тргаат кон Богомила. Кога Скопјаните со возот патуваа кон Велес, Цобе му се јавува и му дава „ наредба “ на Новко : од бурекџилницата „ Тривис “ , сопственост на пријателот на Цобе, планинарот Љупчо Талевски, кој патем прави многу убав а најефтин бурек во Велес, да земе 4 четвртини тазе бурек. Бурекот толку тазе, просто уште чури. А за Новко, бидејќи оди на маратон, жива брука е за нецели 2 км. да фати такси, тргнува пеш со бурекот кон жел. станица. Почнуваат да се мотаат кучиња околу него, тазе бурекот многу убаво им мириса, па многу кучиња од дуќанот на Љупчо, до железничката станица, повремено му беа придружба. Цобе, друг пат за ваква услуга, давај бурек гратис!
Искра, Зоки, Цобе и Гоце, по кратко задржување во Папрадиште, околу пладне продолжија за Чеплес. А Новко има обврска, но уште поголемо задоволство, попладнето во 14. 00 на железничката станица Ореше да пречека група од 7 планинари од ПСПК „ 7 - ми Мај “ од Битола, и од таму преку Папрадиште до Чеплес да им биде водич. Битолчаните му рекоа, 99 % ќе ја погодат патеката. Ама тој им им вели, штом патеката не ја знаете 102,3 % јас доаѓам да ве пречекам, и точка! До тргањето кон жел. станица Ореше, за да пополни време, планираше да ја доврши работата од минатиот викенд, за косење папрат и уредување на планинарската патека од Папрадиште кон Куртовица, на околу половина час одење од Папрадиште. Но и возот доцнеше, плус проблеми со таксито од Богомила кон Папрадиште, па на патеката работеше само еден час. Потоа во 12. 30 од Папрадиште заминува за жел. станица Ореше, и во 14. 00 ги пречекува Битолчаните: Стевче Митревски, председател на ПСПК “ 7 - ми Мај “, Јуле Трајчевска, нејзиниот 13 - годишен син Тончи, кој е надежен и перспективен планинар, Стојан Митковски, Стефан Јошески, Никола Пејовски, и Томе Ивановски. Заедно со нив, од жел. станица Ореше се враќа во Папрадиште. Прават пауза, а потоа во 16. 30 тргнуваат од Папрадиште по широкиот земјен пат за план. дом Чеплес, каде стасаа околу 19. 00. Останатите маратонци, еден по еден, вечерта се прибраа во домот. Домар е Буран, планинарската легенда, и некрунисаниот, почесен Крал на Солунска глава.

Маратонците Перо Атанасов, Лаки, Никола, Петар и Трпе, доааѓаат од Нежилово. Од Нежилово кон Чеплес им се придружило едно кученце. Бидејќи нивното патешествие и дружење почнало од Нежилово, „ кумот “ Лаки Димитриевски му дава име Нежилка. Куме, честито кумство! Ама кумот остана должен честење за кумството, па нареден пат треба да чести, и според традицијата прв да наздрави. И сега, еј море куме златен, во небрано ти си фатен...

Вечерта во домот се створи многу пријатна атмосфера. Битолчани фатија бусија, а спроти нив „ на барикадите “ храбро застанаа, те. седеа маратонците. Битолчани ќе викнат песна, маратонците ќе се придружат, и обратно. Секој почестува нешто, понудата е поголема од побарувачката, бидејќи секој сака за утредента да понамали од тежината за носење.

Стартот на маратонот беше во саботата, 23. 09 . 2 017 г., во 6. 00. Заедно со маратонците, тргна и 7 - члената група планинари од ПСПК „ 7 - ми Мај “ од Битола. И, разбира се, кученцето Нежилка. Од Битолчаните има тројца потенцијални маратонци, другите четворица поради разни причини и обврски мора вечерта да се враќаат за Битола, и одат само до Солунска глава. За да не се делат од групата, потенцијалните маратонци решија да се приклучат кон мнозинството, чисто од почит, за да се почувствува заедништвото и другарството во клубот. А општо, клубот и функционира на тој принцип. Еден за сите, сите за еден! И Искра одлучи да оди само до Солунска глава, и да се врати со Битолчаните на Чеплес.

Се движиме кон Долна бабина дупка, а срамежливо низ крошните на дрвјата се пробиваат првите утрински зраци, ги галат нежно нашите од напор веќе заруменети обравчиња. Да имаш сила, ти иде со раце да ги рашириш крошните на дрвјата, за да изгрејсонцето се прикаже во сиот свој сјај...

Околу 7. 00 групата стасува на Долна бабина дупка, се прави пауза, од чешмата се пополнуваат резерви со вода. Еден планинар од некои причини задоцнува, фоткањето поминало, а групата веќе на тргнување кон Солунска. Клекнува на колена пред водичот Зоки, и бара уште едно групно фоткање, а во позадината да се гледа Солунска глава, таа заспана планинска убавица. Некој дофрла: Каде е прстенот? А клекнатиот промрморува: пу, пу, пу, скраја било... Зоки пушти срце, сепак се смилува, и дозволи уште едно групно фоткање.

Околу 7. 20 тргнуваме од Долна бабина дупка, и околу 8. 00 излегуваме од борчињата, оттука до Солунска е само голина. Од тоа место има прекрасни видици кон Нежилово, Чеплес, Долна бабина дупка, Јаболчиште, итн., но очите не може толку да забележат, колку што душата може да почувствува.
Кај што завршуваат борчињата, се прави мини пауза, останатите маратонци продолжуваат кон Солунска, каде стасуваат околу 10. 00. А Новко се враќа назад да помогне на некои планинари, па појадува, и со еден час задоцнување трга кон Солунска, од местото каде се разделија со групата маратонци во 8. 00. Над Горна бабина дупка го среќава Буран, кој веќе се враќа од Солунска глава. Ова е 952 - ро качување на Буран на Солунска! Новко пушта чекор, не прави пауза, ама сепак со задоцнување, околу 10. 20 стасува на Солунска глава. На Солунска правиме поголема пауза, се фоткаме, пресоблекуваме, прикаснуваме. Кога од врвот ќе ги погледнеш широките планински пространства, те исполнува чувството дека доминираш со просторот, дека ти и планината сте едно, дека планината е целиот твој универзум...

Во 10. 50 тргнуваме од Солунска кон Караџица. Лаки, Перо, Даниел и Александра се упатуваат по стрмната патека од врвот кон Бегово поле, останатите продолжуваме по широкиот пат што врти околу Бегово поле. По 30 - ина минути на тепка се исклучуваме од широкиот пат во десно, и се спуштаме кон Бегово поле. По извесно време, по една едвам препознатлива патека, заглавуваме во едни густи борчиња, и на некои места минеме со ползење. Перо Сибиновски вели, по некоја логика овде минеле овците од соседното бачило. А Цобе дофрла, не верувам, ни овците не се толку будали, да одат по вакви патеки... Со судни маки некако се спуштивме до Бегово поле. На Новко несакајќи му се истури добар дел од водата. По некое време, наидуваме на една многу мала водичка, правиме импровизиран извор, ама тој многу споро се пробиструва. Новко нема време да чека, решава да пие од уште неизбистрениот извор, и им довикнува на другите: не ја знам вашата агенда за утре, ама мене барајте ме на инфективно. Ама ништо бутур не му стана.

Во 13. 00 двете групи се состануваат кај руиниранит дом “ Исак Русо “ на Бегово поле. Се право 30 мин. пауза, малку ги празниме ранците а полниме стомаците, и во 13. 30 тргнуваме кон пл. дом Караџица. По 30- ина минути, на земјениот пат се среќаваме со велосипедистот и планинар Војче Гушевски. Тој искрено се понуди со точакот да ни пренесе некој ранец до пл. дом. А потоа подзабавуваше со возењето, и на одредена дистанца ја почекуваше групата, се дружеше со нас. Практично стана дел од групата.
Можевме комотно во домот да стасаме околу 16. 30. Но времето беше супер, па се влечкавме, уживавме во прекрасни глетки, и во пл. дом се “ дотркалавме “ нешто после 17. 00. Се сместуваме, а потоа во трпезаријата се дружевме, а со нас беше и Војче. Дружењето беше со добра капка, но во пристојни граници. 
Водичот Зоки „ наредува “ утрината да се тргне рано, во 5. 00. Брат му Цобе протестира, абе што збориш, дури ни волците толку рано не стануваат. Ама џабе протестот, брат си е брат, функција си е функција, и што ќе рече водичот, тоа ти е закон!

Утредента, во неделата, на 24. 09. 2 017 г., во 5. 00 тргнуваме од пл. дом Караџица, и преку Алдинци во 6. 10 се спуштаме до Кадина река. Кога, дрвениот мост на Кадина урнат. Останале само два трули долги дрвени трупци, кои ја премостуваат Кадина. Само Лаки, Трпе и Перо имаа мадиња да минат по остатоците од мостот. Ама штом минат река по така трули дрвја, изгледа се по малку “ лесни на памет “, па трулите дрвја ја издржаа нивната тежина. А пак Новко, од камен на камен ја премина реката. Останатите добија бесплатно миење на нозете во Кадина.
Кога Лаки минеше преку остатоците од мостот, во реката му падна шишето со вода. А на маратон, шише вода вреди повеќе и од шише ракија, па мораше шишето да се спаси по секоја цена, и тоа го стори Даниел. Лаки, должиш честење за кумството, должиш честење и на Даниел за шишето, ако и кај мене се задолжиш честење, прогласувај банкрот!

По наквасувањето во реката, следеше цедење, центрифугирање и сушење, и во 6. 40 од Кадина река по неразгазениот планински тепих се упативме кон Празниторба. Оваа делница се совладува за нешто повеќе од 1 час, а првата половина од делницата е прилично стрмна. Некои почнаа по малку да губат здив. Но кога одиме во планините, кога сме полни со набој да одговориме на некој предизвик, тогаш обично не се поставува прашање: Дали можеме? Туку, дали има маж кој може воопшто да не сопре. Токму на маратонот ова најмногу доаѓа до израз.

Новко нешто прибележува, ја скицира патеката, работи штапом и канапом, тоа е неговиот GPS и Garmin од камено доба. Tоа колку - толку одзема време, и затоа понекогаш е на крај на колоната. Водичот Зоки му дофрла: А, ти пак заостануваш зад колоната. Бруки за Новко, бруки што не се трпат. Затоа кога наближивме накај Празниторба, Новко како да склучи договор со Земјината гравитација, таа малку да му попушти, со лесен чекор му ја спрашти, и во 7. 50 прв се искачува на Празниторба. По извесно време стасува водичот Зоки, ама сега си молчи, никаде го нема да се огласи...Од Празниторба, прекрасни панорами насекаде, ќеиф за сите пари. Удривме 2 - 3 „ групњака “ ( мислам на групни фотки ), тргнуваме , и по 10 - ина мин., во 8. 10, дојдовме до чешмата, каде традиционално појадуваме, и ги надополнуваме батериите.

После паузата, во 8. 40 продолжуваме кон Цветово. Во еден момент, на триесетина метри го здогледувам Цобе, има мала физиолошка потреба. Од елементарна култура застанувам, се вртам на страна, и му викам на Цобе, “ кога ќе помине опасноста “ да ми каже, за да тргнам. Чекам, чекам, Цобе не се огласува. Си велам, бре што чудо мочање ќе да е ова, буре да беше до сега ќе се испразнеше. Се вртам, па што сака нека биде, кога Цобе завршил работа, и без да се јави - му ја дувнал.

Во 9. 30 стасавме до широкоиот земјен пат, кај чешмата со долги бетонски корита, на околу 1 км. наспроти Цветово, а по околу 1 час, до барата близу широкиот пат. По кратка пауза во 10. 30 тргнуваме, и во 11. 40 се спуштивме во Маркова Сушица. Таму веќе чекаше Пепи Димитриевски со комбето од ПСК „ Бистра “. Се освежуваме со чај, лимони, јаболка и сл. Наместо пеш да продолжиме по маратонската патека, и по 30 - ина мин. да стасаме до кооперацијата каде вообичаено на маратоните пиеме пиво, на некои им свирнува со комбето да се префрлиме до кооперацијата. Новко протестира, вели ако тој пола саат пат што треба да го изодиме, го извозиме со комбето, нема да ми биде комплетен впечатокот, дека сум го изодил целосно мратонот. Ама според Уставот, за ова прашање се одлучувало со мнозинство гласови, а не со консензус, и беше убедливо надгласан. А Новко рече дека тие 30 мин. пешачење ќе ги надокнади, и вечерта ги надокнади.

Се приближуваме до кооперацијата, Цобе на мајтап вели, иии, продавницата затворена, ништо од пивото, а некои моментално, инстиктивно побледуваат. Се симнуваме од комбето, сепак гледаме дека продавницата работи. Кога, џабе што работи, пиво нема... За кратко време, три шока: ладно, топло, ладно. Бати к’сметот, и бати маратонот, без пиење пиво пред кооперација...
Поради лошиот к’смет со пивото, „ со очи насолзени и срце натажено “ во 12. 20 тргнуваме од кооперацијата, потоа продолжуваме преку лозјата, а околу 14. 20 веќе бевме на излезот од Горно Соње, кај антената за мобилна телефонија. По нагорнината се упатуваме кон врвот на Водно, а кученцето Нежилка првпат почна да покажува знаци на умор, и повремено да губи здив.

А вториот ден, добар дел од маратонот се оди по земјен пат. Доста прашина насобравме, плус испотени, после туширањето сигурно ќе изгубиме малку од тежината. Ова не’ потсетува на лесковачкиот виц, к’т је Стојанча ишја у војску. Он бија много џгољав, имаја 61 кило. А за у војску, требало да се има најмалко 60 кила. Значи, Стојанча ипак отишја у војску. К’т, одма га врнали, имаја само 59 кила, зашто тамо мерили су ги после купање...

Во 14. 50 челото на групата застанува, се прави 15 - минутна пауза. Се почека комплет да се собере групата, и заеднички да го зададеме „ завршниот удар “. Перо Атанасов одлучува да го вдоми кученцето. Од името на сите маратонци, и од мое лично име, едно големо браво, и едно големо благодарам до Перо, за овој голем, и хуман гест! После некој ден се слушнавме со Перо, ми кажува дека кученцето Нежилка и неговото куче лабрадор одлично се дружат, и заедно си спијат тутнати едно во друго. Перо, прати една таква заедничка фотка!

Околу 15. 20 стасуваме на врвот на Водно, и доаѓаме на платото кај жичарата. Таму, како вистински домаќини, не’ пречекаа со вода, локум и топло добредојде Бубе Диневска, Биле Сибиновска, и Александар Најдевски. Новко како по обичај, ради малку чалам, на домаќините им вели, да не мислите дека сме уморни од маратонот, и со се’ ранец во брз трк го истрчува потегот од жичарата, до местото каде завршуваат масите поставени на отворено, и назад. На Водно повторно ни се придружи и Војче, кој со велосипед од пл. дом Караџица дојде на врвот на Водно.

Организаторот потоа приреди ручек, многу вкусно гравче со сланина, салата, жесток пијалок за жестоките маратонци, а потоа “ се пресековме “ со пиво. Главен велемајстор за гравот беше секретарката на ПСК „ Бистра “, Анела Кочовска, а и’ помагаа Бубе Диневска и Ружица Меловска. Ако Анела е толку добра секретарка, како што е готвачка, и ако се цени по вкусот на гравчето, тогаш Анела е одлична секретарка. За спремање на салатите и сервирање на ручекот, главни беа Бубе и Ружица. Ружица го делеше гравчето опремена по сите прописи, со хируршки нараквици, бела хигиенска капа на главата, па ти личи и на готвачка, и на хирург.

Бубе на учесниците на маратонот им подели благодарници. Потоа имаше дружење, музика, се заигра некое оро. По ручекот, гостите еден по еден почнаа да се разидуваат. Водичот Зоки, Новко, и Перо со кученцето, пеш се спуштија до градот, останатите заминаа со жичарата. Новко пеш ја изоди делницата од врвот Водно, до железничката станица во Скопје. Во 20. 10 со возот тргнува за Велес, после 1 саат стасува таму. Ама тој пола саат што дента му го „ украдоа “ од маратонот, реши да го надокнади, дури и малку и да “ натфрли “. Од железничката станица во Велес, наместо да појде дома, се упатува на спротивната страна од градот: Ама Велес е релативно мал град, ќе те сретне еден познат, друг познат... Ги среќава планинарите Александар Стојаноски, Емил Смилев, Рики Панов. На спротивниот крај на градот, еден познаник на шега му вели: Новко ти живееш на другиот крај на Велес, во ова време што бараш во овој дел на градот, да не имаш рандеву со некоја госпоѓа. Новко му вели, камо да е тоа што мислиш, ама не е...

Голема благодарност до организаторот на настанот ПСК „ Бистра “, за одличната организација на маратонот, и за гостопримството. 
Голема благодарност и до маратонците, за прекрасната дружба, и за споделените фотки, од кои е креиран придружниот албум на овој текст. Фотките се made by Зоки, Јуле, Лаки, Александара, Даниел, и Александар Најдевски. 
Довидување, и се гледаме на пролетниот маратон, кој е потежок од есенскиот, и очекувајте малку да ги подиспотиме задниците.
Па, тоа е се’ народе!

Од еден обичен планинар.

Традиционален есенски маратон петок 22.09.2017 година.Збирно место Планинарски дом Чеплес. Сабота 23.09. поаѓање од планинарски дом Чеплес во 6,00часот група од 12 планинари тргна кон Солунска глава по меко, ведро, а подоцна сончево време.Околу 11 часот бевме горе и потоа преку Бегово поле околу 18 часот стигнавме во Планинарски дом Караџица. Недела 24.09. тргнавме во 5 часот преку Алдинци, Бајрак, Цветово, Маркова сушица, Соње кон Врв на Водно каде бевме по сончево време околу 15 часот и каде успешно, со гравче заврши ова тридневно дружење.

 

 

повеќе фотографии

Реализирани акции