Извештаи за реализирани акции

Љуботен 23.01.2016

ИЗВЕШТАЈ ОД ЉУБОТЕН - 23.01.2016

На клубскиот состанок за овој викенд беше договорено да се оди за Љуботен во сабота, а неделата да се организира полесна акција за искачување на Сува Гора.

На пат тргнавме во 06:00 од пред Нова Македонија. Комбето го паркиравме над Старе Село кај чешмата. Утрото беше многу ладно, а како аклиматизација го користевме ладното комбе кое немаше парно. Снег почнуваше уште од селото. Патот беше разгазен од неколку возила и имаше траги. Како качувавме нагоре снежната покривка се зголемуваше се повеќе и повеќе. Некаде кај водопадот најдовме еден заглавен џип во снегот. Полека но сигурно стигнавме во вила Љуботен (Планинарскиот дом не работи во оваа доба на годината). После кратка пауза се упативме према врвот со договор на враќање да пиеме чај во вилата и тоа во неограничени количини. Времето се стопли, сончево, мирно а некои членови веќе беа по кратки ракави. Поради конфигурацијата на теренот во снежни услови, релативно брзо стигнавме до гребенот горе. Снегот иако беше мек, чат-пат на гребенот се појавуваа снежни стреи кои влеваа по малку страв кај дел од учесниците. Групата беше компактна се до пред самиот врв, на некои 100-200 метри воздушно до врвот, или некои 5 минути пешачење низ снегот. Поради неносење на дерези, само Буран Сали и Анела се упатија до самиот врв, а останатите користеа пауза за уживање во шарпланинската белина и јануарското сонце. Набргу групата повторно се спои и сите се вративме назад во вилата. Го конзумиравме ветеното чајче, ги закрепнавме силите и се упативме према Старе Село.

Во Скопје пристигнавме на стемнување.

Акцијата во целост ја оценуваме како успешно реализирана.

Бидејќи голем дел од екипата од Љуботен беше пријавена и за недела на Сува Гора, поради измореност и многу ниски температури одлучивме оваа акција да биде одложена а времето да го искористиме за одмор.

Учесници на акцијата: Буран Сали (водач на групата), Пепи Димитровски, Валентино Димитровски (заменик водач со право на вето), Паза Сарева - Сара, Лазе Стефанов, Мано Ставрески, Анела.

Текст и фотографии: Буран Сали и Мано Ставрески












Реализирани акции